Соборувањето на руски воен авион од Турција, за кој Анкара тврди дека го нарушил нејзиниот воздушен простор по десет предупредувања, е исклучително опасен момент во тек на веќе четири годишната сириска граѓанска војна. Но во контекст на затоплувањето на дипломатските односи со Русија и непредвидливите ризици при ескалација на тензиите, западните сојузници на Турција веројатно ќе пристапат кон случајот со особена претпазливост, коментира британскиот весник “Телеграф”.
Криза како оваа беше неизбежна. Во октомври Турција неколку пати се пожали на повеќекратни прекршувања на воздушниот простор од руски борбени авиони, што го натера НАТО да излезе со официјален протест. Подоцна во октомври Турција за прв пат соопшти дека соборија странско беспилотно летало и настапија со огромен притисок, кога се сметаше дека тоа е руски борбен авион.
Во последните неколку недели, кога небото над Сирија е преполно со руски, сириски, американски, француски, британски, канадски и арапски борбени авиони, кога руските се со мала оддалеченост од американските и руската воена авијација повторува провокативни дејства на границите како оние во Европа во последните една -две години, се создаде ситуација која лесно може да експлодира во криза. На крајот на октомври САД и Русија договорија мерки за безбедност на летовите, вклучувајќи и директна терестријална комуникација во секое време од денот, но такви не биле применети при интеракцијата помеѓу Русија и Турција.
Путин: Турција е помошник на терористите, ги финансира- од нив купува нафта
Исклучително важно е целата слика да биде видена во перспектива. Ова нема да е прв пат кога руски авион е соборен од авиони од американско производство – или обратно, при кој нема да експлодира Трета светска војна. Пакистански борбени авиони F-16 соборија бројни советски авиони во доцните 1980-тите за време на тогашната војна во Авганистан. Враќајќи се назад, авион RU-8 Seminole на американската армија, кој летал од Турција, беше соборен над Ерменија, која тогаш беше дел од Советскиот Сојуз. Најпознатиот инцидент, се разбира, е соборувањето на американскиот шпионски авион U2 пилотиран од Гери Пауерс од ЦИА во 1962 година. Советски пилоти тајно имаа важна улога во Корејската војна меѓу 1950-1953 година, а руски извори тврдат дека тие поразиле меѓу 1100 и 1300 американски авиони.
Сегашниот случај сепак е првиот од крајот на Студената војна, во која земја членка на НАТО соборува руски воен авион.
Иако инсистирањето на Турција дека била во право да пука во туѓиот авион во својот воздушен простор по повторените инциденти минатиот месец, нејзините партнери во НАТО ќе сакаат да се фокусираат на деескалација на тензиите, прогнозира британското издание.
Односите меѓу Западот и Русија малку се затоплија, иако би било прерано да се зборува за приближување.
По терористичките напади во Париз на 13 ноември францускиот претседател Франсоа Оланд ја најави својата намера за средба со рускиот претседател Владимир Путин со цел формирање на “голема коалиција”. Американскиот претседател Барак Обама разговараше со Путин, демонстрирајќи видливо пријателски гестови.
Мултилатералните преговори во Виена за сириската криза завршија со умерен напредок кон постигнување на договор за мир во Сирија.
НАТО сигурно ќе излезе со нова протестна нота за јавното нарушување на турскиот воздушен простор, но западните сојузници на Турција ќе бидат внимателни да не ги ризикуваат дипломатските остварувања со Русија.
Што ќе направи сега Русија? Како и секој друг лидер, Путин е под притисок да одговори. Но можно е категорично тврдењето на Москва дека авионот бил во сирискиот воздушен простор – независно од изјавите на Турција за спротивното, поткрепени со докази од радарите – да дозволат да се постигне компромис, а Путин да го насочи својот гнев кон сириските бунтовници наместо кон Турција.
Многу зависи и каква ќе биде судбината на двајцата руски пилоти. За едниот беше соопштено дека е мртов, а другиот е во рацете на Туркменистанци, населени во Сирија.
Турската влада одржува блиски врски со туркменистанските заедници и бунтовници во Северна Сирија – само пред 1 ден Анкара побара Советот за безбедност на ОН да разговара за засилените руски и сириски напади врз сириските Туркменистанци. Анкара може да го користи своето влијание за да обезбеди ослободување на едниот пилот и пренос на телото на загинатиот.
Од друга страна, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е разумно да се запраша зошто треба да прави таков гест кон земја која продолжува да го крши неказнето турскиот воздушен простор, само за да обезбеди дипломатскиот процес за Сирија, на кој, тој како најжесток противник на сирискиот претседател Асад, гледа со скептицизам.
Москва и Анкара најверојатно ќе избегнат зголемување на конфликтот поради овој инцидент, но главната причина за него ќе остане и слични епизоди ќе се повторат, ако Русија не сфати дека ризичните воени провокации на границите на НАТО се несовесна и опасна игра.
Сегашната криза на Блискиот Исток ги става светските сили во ситуација слична најмногу на онаа за време на војната во Косово во 1999 година, но на далекука поопасен начин. Војната во Сирија генерираат не само огромни бегалски текови и е инкубатор на најмоќната терористичка група во светот, но е и арена за традиционално меѓународно ривалство меѓу одделни држави.
