Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет за наметнување на економски санкции против Турција заради соборувањето на бомбардерот Су-24 над Сирија.

Во него е наметната привремена забрана или ограничување за увоз на одредени стоки од Турција, а се очекува нивната листа да биде објавена денеска од владата. Таа треба да изготви и листа на турски организации, на кои им се забранува или ограничува работата во Русија.
Безвизниот режим меѓу Русија и Турција се прекинува од 1 јануари. Од истиот датум се забранува и вработување на турски работници од руски работодавци.
Путин и нареди на владата да ги забрани чартер летовите меѓу двете земји, како и да ја зајакне контролата врз активностите на турските автопревозници во Русија.
Во указот им се препорачува на руските туроператори да не нудат туристички аранжами кои предвидуваат посета на Турција. Путин нареди уште да биде обезбедена безбедноста на пристаништата во Азовско-црноморскиот басен со цел спречување на нелегален престој и движење на бродови и други пловила.
“Санкциите како овие само ќе им наштетат на односите. Тие не олеснуваат ништо, само го продлабочуваат проблемот”, изјави висок претставник на турските власти.
Неколки часови пред известувањето на јавноста за указот турскиот претседател Реџеп Ердоган даде помирлив коментар за соборувањето на Су-24, но не се извини, како што сака Путин.
“Навистина сум тажен. Ние би сакале да не се случеше, но се случи. Се надеваме проблемот меѓу нас и Русија нема да ескалира повеќе”, рече Ердоган. Тој го повтори повикот за средба со Путин “во четири очи” во Париз во рамките на климатскиот самит. И истакна: “Русија е важна за Турција, така како и Турција е важна за Русија. Двете страни не можат да си дозволат да се откажат од една на друга.” Ден порано Ердоган рече дека Путин “си игра со оган”.