Во втроник ќе се исплатат 150 милиони евра за еврообврзницата 2005, за која се исплатени 69 милиони евра камата, информира вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Според него, Македонија е сериозна држава и навреме ќе ги врати парите. Владата одговорно управува со јавните финансии и со сервисирањето на обврските, навремено се раздолжува со што остава добар впечаток кај инвеститорите.
– Доспева за плаќање 10-годишната еврообврзница што е издадена во 2005 година, во износ од 150 милиони евра. За таа еврообврзница во вторник ќе платиме уште 6 милиони евра камата. Низ годиниве имаме платено уште 63 милиони евра камата, значи вкупно за 10 години за таа обврзница како држава имаме платено 69 милиони евра камата, и плус 150-те милиони што ќе ги вратиме. Тоа е значителен износ на средства, но тоа се обврски кои ги направила една влада и секоја следна влада којашто се однесува одговорно и сериозно мора да ги сервисира тие обврски, да им ги врати парите на инвеститорите кои тогаш ја запишале таа еврообврзница, посочува Ставрески.
(ВИДЕО) Пломп: Да се прави разлика меѓу политичката и законската одговорност
СДСМ пак преку писмено соопштение реагираа дека Ставрески немал кредибилитет да зборува за враќање на долгови
„Човекот познат по шемите „немаме за леб а трошиме за чоколадо“ и зборовите од типот „ние сме лудаци“ нема никаков кредибилитет или морален интегритет да говори за сериозност и одговорност.
Напротив.
Мизерно и лицемерно е Зоран Ставрески да говори за враќање на долгови. Ставрески може да говори само за зголемување на долгови и задолжување на граѓаните и идните генрации.
Ставрески ги задолжи граѓаните со три еврообврзници во вредност од 1 милијарда евра а постојано да говори дека се за враќање на еврообврзница од 150 милиони евра, од пред 10 години.
Груевски и Ставрески јавно признаа дека без постојано да ги задолжуваат граѓаните и државата не можат да исплатат плати и пензии, иако граѓаните тешко си ги заработиле, дека не можат да исплатат субвенции, поврат на ДДВ…
Тоа е клучна карактеристичка на расипничка и неодговорна власт.
Тоа е одлика на презадолжена влада којашто ја турка земјава во банкрот.
СДСМ ќе продолжи со својот одговорен, транспарентен и принципиелен однос кон јавните финансии. СДСМ ќе продолжи да ги штити интересите на граѓаните и идните генрации.
Повторно напоменуваме дека секоја наредна аукција без согласност на дополнителниот заменик министер во иднина може да биде оспорена како легитимен јавен долг на Република Македонија.
Граѓаните имаат идеја: збогум Никола и збогум на твоето друштво!“, велат од СДСМ.
