БИРН: Да не се родеше „Скопје 2014“, ќе се преродеше цела економија

од desk3
122 прегледи

Парите потрошени на проектот „Скопје 2014“ се 40 % од вкупната сума вложена во капитални инвестиции во последниве шест години во Македонија. БИРН истражува за што можеа и какви економски ефекти ќе дадеа 633 милиони евра потрошени за промена на ликот на главниот град да беа вложени во патишта, железници, хидроцентрали или гасовод.

ace

Дури 40% од сите народни пари што ги потрошила власта за капитални инвестиции во последните шест години завршиле за изградба на споменици, скулптури, фасади, подземни и катни гаражи, плоштади, фонтани и сите други зданија што ги опфаќа проектот „Скопје 2014“. Од вкупно 1,58 милијарди евра реализирани капитални инвестиции од 2010 година до денес, 633 милиони евра се потрошени за промена на ликот на главниот град.

Да не се родеше „Скопје 2014“, ќе се преродеше цела економија

Економистите велат дека тоа се непродуктивно потрошени пари што државата ги собира преку даноци од граѓаните или пак. ги позајмува од домашните и странските кредитори и притоа плаќа камата.

„Скопје 2014“ еднакво на стотина километри нов автопат или железница

Да не беа потрошени за „Скопје 2014“, на пример, 633 милиони евра би биле доволни за изградба на двата автопати што власта почна да ги гради минатата година од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид во должина од 104 километри, а за кои се задолжи кај кинеската Ексим банка за 580 милиони евра.

Притоа би останале уште педесетина милиони евра доволни за реконструкција на околу 40 километри автопат, делниците Смоквица – Гевгелија, Неготино – Демир Капија и Куманово – Миладиновци ко што се предвидени во планот на Министерството за транспорт и врски.

Методија Несторовски, универзитетски професор чија специјалност е токму инвестиционата политика, вели дека парите потрошени за проектот „Скопје 2014“ се изгубени пари од економски аспект, затоа што спомениците, зградите или плоштадите не се основа за пораст на економијата на долг рок.

„Овие инвестиции имаат ефект врз порастот на економијата само во моментот додека се реализираат преку интензивирање на градежните активности. Градежните компании ги собрале парите, прикажале профити и тоа се квантифицирало во зголемување на бруто домашниот производ (БДП). Тоа е единствениот ефект за економијата“, вели Несторовски.

Тој појаснува дека кога се вложува во автопати, железница или други инфраструктурни проекти „се создаваат услови на долг рок бизнисите да ги намалуваат трошоците на работење, на пример, преку заштеда на гориво, време за транспорт, и за сметка на тоа тие ќе работат со поголеми добивки, ќе отвораат нови работни места, па дури и ќе го шират бизнисот“.

Повеќе прочитајте од истражувањето на БИРН на следниот линк.