Како за медиумски реформи денеска ќе преговараат лидери кои оневозможуваат новинарите да известуваат за важни настани, прашуваат во медиумската заедница,пренесува DW

Со исклучување на јавноста од увид во неговото сведочење, Груевски целосно се сокри од истиот оној „народ“ на кој постојано се повикува во своите говори, а уште еднаш покажа и докажа како ја разбира и третира улогата на медиумите. Ова е главната забелешка во јавноста по вчерашното сведочење на премиерот пред Анкетната Комисија за прислушувањето. Останува тајна содржината на неговите одговори, кои имаа можност да ги слушнат само членовите на Комисијата, бидејќи и записниците од седицата се под посебен режим на чување и нема да може да се објават. Груевски неколку пати одби да им одговори на новинарите зошто услов за неговото сведочење беше тие да ја напуштат седницата, кога во сведочењето не соопштил никакви класифицирани информации. Наместо одговор, тој фокусот го насочи кон СДСМ.
„Се повикав на членот 4, затоа што единствената програма на СДСМ е да создава конфликти, тензии, деструкција, ширење на омрза и не сакав да им го пружам тоа задоволство. Одговорив на сите прашања, ги кажав вистинските одговори. Тоа се одговори што веќе сум ги споделил со јавноста. Мислам дека покрај оваа Анкетна Комисија, вистинската анкетна комисија ќе биде онаа на народот, на 24 април“, рече Груевски.
Претседателот Комисијата, Петре Шилегов, обвини дека со барањето за затворање на седница, работата на Комисијата била торпедирана.
„Немаше никакви класифицирани информации. Толку можам да кажам. Јавноста очекуваше актерите на прислушувањето конечно јавно да проговорат. Меѓутоа, излезе дека храбриот боксер сака да боксува на скриени бокс мечеви. За одговорите на Груевски не би можел да зборувам. Верувајте ми, ќе биде срамно да ширам хумор за волку сериозна тема“, рече Шилегов.