Очилата за виртуелна реалност “Окулус Рифт” (“Oculus Rift”) официјално се на пазарот, објави “Индипендент”. 
Производот се смета за првиот можен контакт на масовниот корисник со веродостојното чувство за престој во алтернативна средина. Во тек е кампања за пред-нарачки на вебсајтот на компанијата “Околус”, а сетовите ќе бидат доставени на сопствениците во март.
Цената на еден пар е 600 долари, а освен очилата вклучени се и далечинскиот управувач, специјален контролер за гејмерска конзола за “Xbox” и две игри. Многу луѓе, сепак, ја сметаат цената за превисока. Во претходните свои изјави производителите соопштуваа дека “Рифт” ќе чини помеѓу 200 и 400 долари, а потоа “најмалку 300”.
“Околус” беше купен од “Фејсбук” во 2014 година за 2 милијарди долари, додека очилата сè уште беа во фаза развој. Покрај сегашните 600 долари, купувачот мора да поседува и доволно моќен компјутер, кој може да репродуцира непречено графички покомплексни игри и други виртуелни реалности. Специјален инструмент на веб-страницата на “Околус” му овозможува на корисникот да провери дали компјутерот е доволно силен за да ги поддржува очилата “Рифт”.
Во моментов компанијата не нуди директни испораки до Македонија.