Поранешни студенти раскажуваат за “систем од садистички казни поврзани со сексуално задоволство”

Барем 231 момче од познатиот католички хор во Германија биле физички малтретирани. Ова станува јасно од изјавата на адвокат од комисијата, која го истражува фамозниот случај, соопштува “Гардијан”. Ова се случувало со децении.
Хорот “Домспацен” во Регенсбург, Баварија, кој има над 1.000-годишна историја, се покажа како центарот на скандал во 2010 година, кога за прв пат излезе информација дека долги години во него имало насилство. Во периодот 1964-1994 година хорот се раководи од Георг Рацингер – брат на Јозеф Рацингер, кој беше прогласен за папа под името Бенедикт XVI, кој стоел на чело на Римокатоличката црква во периодот 2005-2013 година. Георг Рацингер изјави дека прашањето за сексуални напади никогаш не е разговарано додека тој бил главен. Адвокатот Улрих Вебер, кој е во комисијата што ги испитува обвинувањата, објави пред медиумите дека се сослушани над 70 жртви. Тие сведочат за злосторства извршени во периодот од 1945 година до почетокот на 90-тите години.
“Има 231 извештај за физичко насилство”, рече тој. Ова вклучува блудства, силувања, жестоки тепања и лишување од храна. “Извештаите за случаи на сексуално насилство во Регенсбург се најсилно концентрирани во периодот од средината до крајот на 70-тите години”, рече Вебер и додаде дека 50 од жртвите зборуваат за 10 сторители. Композиторот Франц Витенбринк, кој е поранешен дипломец , откри во 2010 година, дека таму имало “систем од садистички казни поврзани со сексуално задоволство”.
Германскиот скандал е само еден од серијата, кој ја потресе католичката црква во последните години. Друг случај кој го поткопа авторитетот на црквата, е кога ирски свештеник призна дека блудствал со над 100 деца. Беше откриено исто така, дека во језуитското училиште во Берлин во 70-тите и 80-тите години имало систематско сексуално насилство над ученици. Повеќето од духовниците, вмешани во овие случаи, сепак, нема да бидат судени, бидејќи тие се случиле премногу одамна .