Спасовски и Стефановиќ го посетија прифатниот центар „Винојуг“, Ременски во Табановце

од desk3
96 прегледи

 

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Оливер Спасовски и Небојша Стефановиќ денеска го посетија транзитниот прифатен центар „Винојуг“ во Гевгелија, каде во моментов се наоѓаат полициски службеници од МВР на Република Србија.

migrant

Полициските службеници од Србија заедно со македонските колеги патролираат и вршат зајакнат надзор на граничната линија кон Грција и учествуваат во секојдневните работни задачи и активности во транзитниот центар во Гевгелија околу регистрација на мигрантите, и останати работни задачи поврзани со мигрантската криза.

Од работниот состанок на двете делегации, како што соопшти македонското МВР, произлегол заклучок дека досегашната успешна соработка ќе продолжи и во наредниот период со преземање на конкретни мерки и активности кои произлегле од работната дискусија.

Двајцата министри се договориле и околу размена на информации од службите кои ја покриваат проблематиката за борба против тероризмот и терористичките закани.

Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски, оак денеска изврши увид во функционирањето на прифатниот транзитен центар Табановце.

Ташевска-Ременски ги посети објектите во кои одмараат бегалците и се информираше за активностите кои се спроведуваат во центарот, а се под ингеренција на МТСП, во однос на координирање на активностите на невладиниот сектор, доставата на хуманитарната помош за бегалаците, за функционирањето на објектите во кои се сместуваат лицата кои транзитираат во Македонија, посебно за ранливите категории мајките и децата.

По увидот на објектите, министерката изјави дека целта на посетата е запознавање со завршните активности кои биле обврска на министерството во камповите во Табановце и „Винојуг“, особено за, како што рече, обезбедување на предуслови за загревање на објектите наменети за бегалците. Потсети дека пред извесен период е потпишан договор со ЕВН, дека се преземни чекори за донесување на трансфорамтор, за премрежувања на објектите и нивно функционирање, вклучително и за оние во кои се сместени и институциите, МВР, Црвен Крст и невладините организации, рече министерката Ташевска – Ременски.

Таа се заблагодари на невладиниот сектор, за грижата што ја пружаат на луѓето кои транзитираат во Македонија и додаде дека забелешките кои се упатени од преставниците на невладиниот сектор во најбрз можен рок ќе се остранат, со цел создавање на услови за работа. МТСП истакна Ташевска – Ременски во моментов спроведува голем број активности кои треба да ги засилат подготовките за периодот кога се очекува поголем прилив на бегалци, кога временските услови ќе бидат поповолни. Во таа насока, информираше дека МТСП, спровело неколку постапки во делот на набавка на храна, душеци и целокупна опрема за да има доволно, доколку се создадат некакви вонредни ситуации.

– Од комуникацијата што ја имаме со претставниците на меѓународната заедница добиваме информации дека можеби ќе настане и некакава промена во политиките кон бегалците од страна на земјите-членки на ЕУ. Веќе постојат најави за некакви затворања на граници и ограничувања на бројот на бегалци кои би можеле да бидат прифатени од земјите на ЕУ, тоа ќе наметне дополнително редефинирање на некои одлуки и во земјите од Западен Балкан и РМ. Во таа насока сакам да истакнам дека треба да се зафатиме и со подготвување на „План Б“ во случај да имаме такви одлуки и да бидеме приморани како држава да променуваме веќе донесени одлуки, изјави Ташевска -Ременски.

МТСП ќе иницира одредени активности, како што рече таа, за навремено да бидат преземни од управувачкиот комитет кој што ги носи одлуките и ги делегира задолженијата кон институциите во однос на подготовка на такво сценарио што ќе наметне дополнителни активности и вонредни напори.

– Се разбира, тука не е само МТСП, што ги има обврските, тука се сите државни институции и органи со кои што интерресорски мораме да ги координираме активностите и да не ни се случи пропуст кој што би можел да донесе некакви непредвидливи ситауации, рече Ташевска – Ременски.

Таа им се заблагодари на донаторите кои одвојуваат финансиски средства за невладиниот сектор и за институциите на РМ.

– Европската банка за развој од која што добивме и потпишавме грант од 2,5 милиони евра кои што со план го користиме, со УНХЦР и сите останати кои што навистина ја сфатија подготвеноста на институциите, за да можат да ги ослободат финансиските средства во однос на планираните активности кои што ќе ги пројавиме, рече министерката Ташевска – Ременски.

Потенцираше дека иделани услови во камповите нема, но се работи на отстранување на недостатоците. Додаде дека кампот „Табановце“ има предности во однос на кампот „Винојуг“ и дека дел од активностите кои се спроведуваат во „Табановце“ можат да послужат како пример за центарот во Гевгелија.

– Правиме напори на заедничка координација се што е недостаток во Гевгелија да го отстраниме и се што е недостаток во Табановце да го остраниме, рече Ташевска – Ременски и изрази уверување дека сите нотирани забелешки во најбрз можен рок ќе бидат отстранети.

Во врска со престојот на помала група на мигранти од Мароко во транзитниот центар, одговарајќи на новинарски прашања, Ташевска- Ременски истакна дека имаат две можности или да побараат азил и да бидат смесетни во кампот во Визбегово или да бидат транспортирани на јужната граница. Што се однесува до кујната во Табановце, министерката нагласи дека е неопходно да се создадат услови за исполнување на стандардите и дека дополнително ќе се преземат мерки за да се регулира прашањето за достава на топли оброци за бегалците.