Ќе има дефинитивно избори, ама дали на 24 април , како што со сета жестина нагази Никола Груевски и го распушти парламентот, ќе видиме. Иако ова беше очекуван потег на Груевски кога најмногу ќе биде во тесно, сепак потребна му е боксерска вреќа за да удира во неа, потребна му е опозицијата за да учествува на избори, а таа вели дека не се согласува за 24 април.
Опозициската СДСМ пред почетокот на точката за одлуката за распуштање на праламентот, го напушти законодавниот дом и преку координаторот Горан Сугарески разјасни:
“По 10 години граѓаните го дочекаа денот на паѓањето на главата на овој режим. Никола ти не си Македонија. Граѓаните на Македонија освен фамилијата на Никола Груевски немаат корист од одржување на избори без претходно навремено прочистување на Избирачкиот список и без навремена регулација за слободни медиуми. Непрочистениот Избирачки список и медиумскиот мрак фамилијата би сакала да го користи за спас на сопствената кожа. Затоа Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не ги исполнија клучните обврски од Договорот од Пржино“ – рече во своето обраќање Горан Сугарески, координатор на пратеничката група на СДСМ.
По ова процедурално обраќање пратеничката група на СДСМ ја напушти седницата, а претседателот на Собранието Трајко Велјановски кратко прокоментира дека секој има право дали ќе остане или не на седницата.
Во меѓувреме парламентот е самораспуштен, изгласано ама со одложено дејство, а истиот тој самораспуштен изгласа нова преодна влада со нов премиеr, Емил Димитриев, и исти министри и заменици министри. Од ВМРО ДПМНЕ се заканија и дека ако двајцата министри на СДСМ Оливер Спасовски и Фросина Ременски не дадат заклетва, нивните функции ќе ги преземе и извршува премиерот Димитриев.
Во контекст на законитоста на целата постапка реагираше само пратеникот Павле Трајанов и посочи дека самораспуштање на парламент со одложено дејство е неуставно, упад и кршење на Уставот на РМ и најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оваа одлука.
“Сметам дека точката, односно предлогот за распуштање на праламентот е спротивно на Уставот на РМ. член 63, став 3 од Уставот на Р.М. кој гласи : избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштање на собранието. Ние мора да го почитуваме Уставот, а не да го уриваме со одлука која ќе стапи на сила. Не е можно денес да гласаме и не треба да го кршиме Уставот. Секако, Парламентот може да се распушти, но во согласност со Уставот. Но, треба да се мисли и дали се исполнети точките од договорот, а јас не гледам дека сите услови од пржинскиот договор се исполнети. Но, ве уверувам дека повторно ќе носиме одлука за распуштање на Парламентот бидејќи сегашаната е неуставна“, изјави пратеникот Трајанов и додаде:
“Состојбата е тешка да не речам и драматична. Значи ние денеска го кршиме Уставот, односно упаѓаме во уствното уредување на земјата. Ако ние денеска, на 18 јануари гласаме за распуштање на парламентот тоа значи дека избори треба да има на 19 март. Не е можно да се носи ваква значајна одлука со одложено дејство. Сакам да укажам дека ваквата одлука ќе иницирам да се расправа за неа на Уставен суд. Знам дека тој не функционира и е под партиско влијание. Како и да е парламентот може да се распушти, но ние имаме договор од Пржино и еден клучен недостаток – кој прави анализа дали тој договор се почитува и спроведува. Четирите партии треба да одговорат дали тој суштински се спроведува, а не само формално, иако и тие формални рокови се пробиени. Ве уверуваме дека ги кршите уставните темели“.
Од владеачкото мнозинство возвратија дека не се постапува неуставно бидејќи одлуката е со одложено дејство – парламентот да се распушти на 24 февруари, со што предвремените избори ќе се одржат на 24 април.
Сепак сè ова укажува дека ниту Никола Груевски, сега екс премиер, е сигурен дека ќе спроведе избори на 24 Април, и остава простор за пазарење, ниту тој знае каква ќе биде реакцијата од меѓународната заедница, иако Хан е на негова страна, ниту знае што ќе реплицира и до каде ќе оди опозцијата предводена од Зоран Заев. Да, пијаровски гледано тој во моментов е во психолошка предност пред гласачите и на ВМРО ДПМНЕ и на колебливите, факт е дека ова ќе има исклучителен притисок врз СДСМ за носење на одлуките кои ги одлагаат и се пимплаат криејќи се зад странците, но сè ова ќе ја расчисти маглата околу тоа колку и на што се спремни водството на ВМРО ДПМНЕ, секако и СДСМ. Сега сè ќе се извади на маса сите скриени „БОМБИ“ на власта и опозицијата. На крајот, Јуни мислам дека на сите ќе им одговара.
На крајот
Факт е дека кризата врз Македонија допрва доаѓа, особено со бегалската криза, со која Европејците ќе се обидат да ги вгнездат токму во Македонија со сите кренати огради на сопствените граници. Кој знае дали тој пазар би можел да биде доволно голем за да прогледаат низ прсти за уште една нова криза, избори и власт без опозиција, и можеби менување на насоката за уште подесно од северозапад, кон североисток. Факт е дека вестите споро стигнуваат од САД . Неспорно е ако Избирачкиот список, не излезе од ДИК, претходниот не успее да се докаже од Катица Јанева , тогаш се сомневам дека и Хан ќе може да даде препорака . Од целиот тој пакет како „Пржинска“ условеност за Македонија, може многу лесно се да се истури и врз контото на Јоханес ХАН. Тој пред европарламентарците веќе го утврдува насловот – „Хан – неуспешна мисија“ само штета е што Македонија е повторно колатерална штета!
Ад