Франкфуртер Рундшау: Фатална погрешна проценка во Македонија

од Vladimir Zorba
127 прегледи

И на Балканот ЕУ стои пред купче искршено стакло. Ова не се должи на губењето на авторитетот на ЕУ, иако ова доведе до многу неуспеси, туку најлошо влијаеше незаинтересираноста на Европа за нејзиниот „заден двор“ – грешка, што на Германија и подари десетици илјади барања за азил. Меѓутоа, најголемиот дел за катастрофата во Македонија се должи на погрешната проценка на ситуацијата од страна на одговорниот комесар на ЕУ, пишува денеска германскиот весник
Франкфуртер Рундшау, во текстот под наслов „Фатална погрешна проценка во Македонија“.

26761golema

Македонија е случај на владин криминал. Мала, спријателена и роднински испреплетена групичка околу владиниот шеф Груевски и неговите блиски, како шефот на тајната полиција, најпрво си ја присвоија ВМРО, една од најголемите партии во земјата, а потоа си ја присвоија и целата држава. „Фамилијата“, како што општо се нарекува кланот на Груевски, се богатеше, судиите ги ставаше под притисок, ги затвораше опозициските медиуми, им се закануваше на новинарите, а веројатно и убиваше новинари, апсеше критичари и ги судеше во застрашувачки процеси. Преку државната администрација си купи верни послушници и манипулираше избори – регистар на криминални дела, на којшто му нема пример никаде во европската политика.

Ваквите наоди не ги делат само опозицијата и веќе издепримираните заштитници на граѓанските права во малата балканска земја. Со многу јаснотија сето ова стои во Извештајот на работната група којашто ЕУ ја ангажираше минатата пролет под водство на Рајнхард Прибе, пензиониран висок службеник на ЕУ. Тогаш беше толку лошо, тогаш се’ беше толку јасно, се’ додека минатиот мај не се вклучи ЕУ-комесарот за проширување, Австриецот Јоханес Хан. За општо изненадување, Австриецот се одлучи во ситуацијата во Македонија да посредува како во некоја домашна караница меѓу две балкански партии.

Главната улога на владин противик Хан му ја препушти на СДСМ, најголемата опозициска партија. Таа беше и всушност се’ уште е слаба со членство и со моќ за мобилизација, претходно го бојкотираше Собранието, но на својот грб носи огромна вреќа на коруптивни случаи. Но, суштинските противници на кликата околу Груевски не беа социјалдемократите, туку една низа на вонпарламентарни иницијативи – студенти, борци за граѓански права и слободи, лица со минимални плати, уметници. Тие против итриот Груевски направија многу поголем ветар одошто парламентарната опозиција. Социјалдемократите влегоа во игра во моментот кога нивниот лидер Зоран Заев започна да ги објавува прислушуваните телефонски разговори. Она што борците за граѓански права и слободи го знаеја со години, сега само се потврди: Луѓето околу Груевски отворено меѓусебно си разговарале за нивните злодела.

Неуспешен обид за посредување

Хан на сцената настапи откако претходно по полициската акција во Куманово со трагични последици, на улиците излегоа десетици илјади Македонци. Наместо да го принуди Груевски да поднесе оставка, ЕУ – комесарот посредуваше потпишување на меѓупартиски договор за повторно да се одржат избори.
Договорени беа повеќе многу конкретни чекори, коишто имаа за цел новите избори да ги направат слободни и фер. Се фиксираа и точни термини – за основање на Специјално обвинителство, основање на комисии, назначување на министри од опозицијата и на крајот нови избори и повлекување на Груевски сто дена пред терминот за избори.

Сето ова стана фарса. Луѓето на Груевски го одложуваа и го саботираа секој поединечен чекор и внимаваа само формално да се придржуваат до термините. Сето она што не можеше да се мери стана полошо наместо подобро.
Заплашувањето на медиумите на пример: Сето она што може да се види на македонските телевизии и што може да се прочита во весниците – без да претерување – во меѓувреме попримило белоруски формат. Хан, којшто наводно му е човек од доверба на Груевски, нотираше дека тактиката на одложување е зголемување на неуспешноста. Но, комесарот остана заробеник на сопствената почетна грешка: Сега мора на ваков или онаков начин да се залага за избори на пролет.

Но, тешко дека ќе дојде до избори. Социјалдемократите не сакаат нови избори, бидејќи на големо ќе ги загубат – не дека неколкуте властодршци се многу популарни, туку бидејќи сите нивни механизми на измама и репресија се’ уште перфектно функционираат. Груевски е подготвен на сто дена да ја предаде премиерската служба, но не и власта.

Доколку социјалдемократите не ја прифатат оваа игра, на Груевски му остануваат две опции: Или ќе владее на истиот начин до 2018 или на избори ќе оди без опозицијата, а притоа ќе го краси бриселскиот медал на чесност: ги исполнил ветувањата, но само опозицијата „тера инает“.

Но исто така не може да се очекува она што можеше да се случи минатата пролет: Експлозија. Уште тогаш граѓанските активисти дадоа се’ од себе да и’ се спротивстават на резигнацијата.

Оној кој не може да најде вработување во Владата, заминува во странство – оди во Србија, или пак директно во ЕУ. Сега, една година подоцна Македонците многу добро знаат: Оној кој сака европски услови, мора да си ги спакува куферите и да се пресели во Европа.