Лилберално-демократската партија е со став дека не смее да се поништи Договорот од Пржино, ниту од страна на опозицијата, ниту од страна на власта.
Од партијата апелираат до четирите партии потписнички на Договорот од Пржино, да го почитуваат договореното, особено во делот на реформите. Што се однесува до датумот, ЛДП бара легитимни, а не брзи избори.
„Груевски да ја отповика скандалозната одлука на 24 февруари да се распушти Собранието, а на 24 април да се спроведат избори без опозиција. СДСМ да не повлекува потези што би биле штетни по Договорот од Пржино. Уверени сме дека во една ваква констелација на односите, повеќе од потребно е министрите на СДСМ да продолжат со работа во рамките на техничката влада. Работата на Специјалното јавно обвинителство мора да даде резултати! Ја повикуваме и меѓународната заедница да помогне во обновувањето на преговорите, бидејќи само така ќе имаме кредибилни избори, според волјата на народот“, велат од ЛДП.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и покрај сè, го распуштат Собранието на 24 февруари, од ЛДП велат дека тоа што ќе биде неизбежно е давањето отпор преку општа мобилизација на граѓаните, за спречување на обидите на власта да воведе целосна диктатура во државата.
ЛДП по 24 февруари ќе бара отповикување на сите избрани и именувани функционери на државно и на локално ниво и дистанцирање од каква било улога на опозицијата со оваа власт.
Има некои датуми кои во колективната меморија на граѓаните на Република Македонија ќе останат длабоко врежани, а таков даум е и 18 јануари 2016 година, денот кога и официјално диктаторот Никола Груевски ја напушти премиерската функција и дефинитивно замина од политичката сцена, реаграат со соопштение од НСДП.
Тодорoв пак “на чело” на Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ
„По една декада на мрачно авторитарно и корумпирано владеење, почнува темелното демократско реформирање и враќање во нормала на целокупното општествено-политичко милје. Провладините медиуми колку и да се обидуваат да спинуваат дека тој ќе биде идниот премиер, со ставање во преден план на самораспуштањето на Собранието, а не на оставката, како политички потег кој демонстрира самоувереност дека политички ќе преживее, сепак и на најнеупатените им е повеќе од јасно дека Никола Груевски не може повеќе да смета на партиципација во која било државна институција, па дури ниту на тоа да биде пратеник. Политичката „смрт“ не доаѓа само поради тоа што тој е соочен со кривична одговорност, туку и поради злото што го нанесе на Македонија и го расеа семето на раздор и на омраза помеѓу граѓаните“, пишува во соопштението на НСДП.
На избори на 24 април нема да излезе ниту Националната Демократска Преродба на Руфи Османи.
– За НДП нема избори без решенија. НДП смета дека Македонија во последните 8 години има организирано 4 предвремени парламентарни избори, но решенија се уште не сме имале се до ден денес. Поради ова причина, наивно и неиздржливо е да се мисли на организирање на предвремени парламентарни избори по петти пат, без решавање на проблемите кои ја доведоа земјата до работ на пропаст. Дефинитивно се исполнети условите за решенија, а не за избори“ се вели во партиското соопштение.
И за движењето Беса, одлуката за избори е недемократска. Оттаму велат дека владејачките партии и понатаму продолжуваат со сценариото на злоупотреба на изборите. Билал Касами вели дека единствената надеж е меѓународниот фактор.
“Ако се обезбедат услови каде граѓаните на Македонија, а особено Албанците слободно ќе ја изразуваат нивната волја, ние сме подготвени да одиме на избори уште утре. Но, во овој момент ние сметаме дека такви услови нема, особено по вчерашните одлуки. Затоа, ние очекуваме интервенција на меѓународниот фактор, политичките партии да се преиспитаат, да се преиспитаат уште еднаш вчерашните одлуки и да се договориме за слободни избори“, изјави Билал Касами, претседател на движењето Беса.
Претседателот на Унитети, Гзим Острени, вели дека неговата партија е подготвена за избори, но не сака да биде дел од еден систем кој манипулира со избори.
“Ние мислиме дека не се создадени нормални услови за одржување на демократски избори на кои би учествувал и Унитети. Затоа, во вакви услови, иако не сме имале конкретна седница на претседателството за донесување колективна одлука, ако продолжи вака, верувам дека Унитети нема да учествува на избори“, рече Гзим Острени, претседател на Унитети.
