Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска најави нови пет проекти наменети за младите. ВМРО-ДПМНЕ, како што порача во денешнто обраќање пред членовите на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, иднината ја темели на младите и акцентот го става на младите и на нивната иднина.
Првиот проект, како што посочи е бесплатен железнички викенд за млади до 27 години секоја прва и трета недела од месецот. Мерката ќе стартува во март 2016 година, а за нејзино спроведување Владата ќе исплаќа дополнителни трансфери кон Македонски железници.
– Преку овој проект младите до 27 години ќе имаат можност да добиваат бесплатен повратен билет со кој ќе може да го користат железничкиот сообраќај секоја прва и трета недела од месецот во периодот на викенд односно од петок после 12 часот до понедленик до 12 часот, рече Груевски.
Со овој проект, нагласи ќе им се овозможи на младите поголема мобилност и можност да посетат многу места во земјава, но додаде, претставува и значителна финансиска поддршка и заштита на стандардот на младите.
– Оваа мерка е практично проширување и збогатување на можноста која и досега постоеше за бесплатно патување во железничкиот патнички сообраќај за млади лица до 27 години, во третиот викенд во месецот што започна во јули 2014 година. За проширување се одлучивме поради исклучително позитивните резултати и големиот интерес кај младите, рече Груевски.
Нагласи дека за шесте месеци во 2014 година и 11 месеци од 2015 година таа мерка досега ја искористиле преку 48.758 млади со што заштедиле околу 17 милиони денари.
Вториот проект е можност за бесплатна обука за основни компјутерски вештини и странски јазици за млади лица до 29 години.
Во насока на зголемување на конкурентноста на пазарот на трудот, млади лица до 29 години ќе имаат можност за посета на обуки за основни познавања на компјутерски вештини и странски јазици со што ќе им се помогне за стекнување соодветни знаења потребни за воведување во работниот процес, рече Груевски.
Проектот, како што нагласи, предвидува секоја година, почнувајќи од март годинава, по 2.000 лица да бидат вклучени во обуките и тоа илјада лица за компјутери и илјада лица за странски јазици – англиски, германски и француски јазик низ цела Македонија. За еден мандат од четири години ќе се обучат 8.000 лица со можност за проширување ако има сериозна потреба за тоа.
– Ќе постојат три нивоа за изучување на јазиците, почетен, среден и напреден. За таа цел кон крајот на февруари ќе биде распишан јавен повик преку Агенцијата за вработување на Република Македонија со цел да се пријават заинтересираните кандидати, а селекцијата ќе биде по принципот успех на студии согласно рангот на Универзитетот 35 бода и социјалниот статус кој ќе носи до 65 бода. За младите кои не студираат ќе се земе предвид само социјалниот статус, сметајќи го вкупниот приход на семејството на годишно ниво, прецизира Груевски.
Третиот проект, како што посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е наменет за студентите сместени во студенските домови и со него се предвидува изградба на перални и сушални во државните студенски домови. Проектот ќе се спроведува преку МОН, а ќе започне од почетокот на наредната година, а дотогаш ќе треба да се спроведат постапките за набавка на неопходната опрема.
– Низ нашата комуникација со студентите се судривме со овој проблем кој ни беше означен како значаен. За пошироката јавност можеби изгледа безначаен, но над 6,5 илјади студенти присутни во домовите значи проблем за нивно функционирање, но и финансиски товар за нивните буџети. ВМРО-ДПМНЕ се реши да ги опреми сите десет постоечки студентски домови во Република Македонија и тоа петте државни студентски домови во Скопје и државните студентски домови во Битола, Охрид, Штип, Прилеп и во Пробиштип со машини за перење и за сушење, рече Груевски. Прецизира дека за сите домови е предвидено да се набават по 50 машини за перење и за сушење алишта кои ќе се распоредат во зависност од студентите во секој од домовите.
Потсети дека ќе продолжи и реализацијата за градба на три нови студентски домови, два во Скопје и еден во Тетово.
Четвртиот проект предвидува изградба на фитнес зони во 18 градови во Македонија, а ќе се спроведува преку Агенцијата за млади и спорт во соработка со општините за што ќе бидат издвоени одредени зони во градските јадра каде ќе бидат поставени соодветни спортски направи за одвивање на фитнес активности. Проектот ќе започне да се реализира од октомври 2016 година, а дотогаш ќе течат подготвителните работи за набавка на справите.
– Во насока на промоција на спортот и спортските активности ќе бидат изградени фитнес зони во градските паркови на отворено во Скопје, Гостивар, Кочани, Струмица, Куманово, Струга, Кичево, Гевгелија, Маврово, Крушево, Берово, Дојран, Тетово, Прилеп, Битола, Охрид, Ресен и Велес. Од овој проект ќе имаат пред се бенефит младите,но и останатите граѓани заинтересирани за овој вид активности, рече Груевски.
Петтиот проект е за отворање читални во Струмица, Аеродром и Велес. Ќе го спроведува МОН и ќе започне да се реализира од јануари 2017 година.
– Работејќи посветено на отворање на нови просторни капацитети кои го помагаат процесот на студирање и образование ВМРО-ДПМНЕ предвидува отворање нови читални во Струмица, Велес и Аеродром. Читалните ќе работат секој ден од неделата, а ќе имаат капацитет од 100 до 150 места и десет компјутери кои ќе им бидат на располагање на корисниците на читалната, рече Груевски.
Нагласи дека се одлучиле за отворање читална во Струмица, бидејќи таму има дисперзирани студии со 670 редовни студенти и допонителни 1.200 студенти на постдипломски студии. Се планира читалната да биде сместена во Центарот за култура. Отворањето на читалната во Аеродром, како што рече, ќе биде од корист за студентите ученици и постдипломците од општината или оние што гравитираат кон таа општина. Во Велес, пак, како што рече, студирааат над 600 студенти и има повеќе дисперзирани студии во различни насоки.
– Ова се пет конкретни проекти кои вие знаете дека ќе ги реализираме како што реализиравме и реализираме многу други проекти од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Проектите се добро обмислени и се обезбедени сите потребни услови и ресурси за нивна реализација и од формален аспект, потенцира Груевски.
Младите се силата и енергијата на нашето време. Јас гледам огромен потенцијал во нив бидејќи младите се нашата иднина и токму затоа ги нудиме овие проекти.
– Само големата желба и големата посветеност носи дела и успех. Нашиот фокус остануваат младите и решавањето на проблемите со кои тие се соочуват. Затоа ни се потребни овие проекти…Македонија мора да оди напред, времето не застанува и ние нема да го губиме на докажувања на непотребни и непродуктивни дела, порача Груевски и нагласи дека граѓаните ќе го имаат последниот збор во државата. /MИА
