Големо метално парче, исфрлено од океанот на брегот во јужен Тајланд ја зголеми претпоставката дека е од малезискиот авион кој исчезна во март 2014 година. Малезиските власти сепак предупредија дека е премногу рано да се прават какви и да е заклучоци за потеклото на металното парче.

Министерот за транспорт на Малезија Лиоу Тионг лаи рече дека им наредил на претставници на малезиското цивилно воздухопловство да се поврзе со властите во Тајланд, за да може да биде испитано откритието.
Тоа е пренесено во тајландската полициска станица и се очекуваат експерти, кои ќе се изјаснат дали е можеби дел од патничкиот авион. Станува збор за голем фрагмент со димензии три на два метри и тежина од околу 100 килограми. Рибарите го нашле на брегот на провинцијата Накхонситхамарат.

Авионот на малезиската авиокомпанија, леташе од Куала Лумпур за Пекинг ноќта на 7 спрема 8 март 2014 година и исчезна од радарите со 227 патници и 12 членови на екипажот. Во јануари оваа година властите во Малезија официјално објавија дека авионот се урнал и сите патници загинале.
Се претпоставува дека се урнал во јужниот дел на Индискиот Океан, откако од непознати причини нагло го сменил курсот. Во летото парче од авионот беше најдено на францускиот остров Реунион, недалеку од африканскиот брег.