Автомобилот “фиат 500 Л” користен од Папата Фрањо за време на неговата посета во Филаделфија, остана во градот, откако беше продаден на аукција за 82 000 долари, пренесоа американските медиуми.

Црниот автомобил од италијанско производство, беше купен од Мајкл и Кејт Чепмен, сопственици на “Чепмен аутогруп”. Тие го добија на наддавање, кое траеше само 11 минути.
Семејство Чепмен поседува седум автосалони во реонот на Филаделфија.
Автомобилот, користен од папата Фрањо за време на неговата посета на градот во септември за Светската средба на семејствата, ќе биде изложен во еден од салоните.
Вториот автомобил “Фиат” употребен од папата Фрањо за време на неговата посета во Филаделфија, ќе биде изложен на автошоу во градот во февруари.