10 000 деца-бегалци се исчезнати во Европа

од desk3
88 прегледи

Најмалку 10 000 деца-бегалци се водат за исчезнати во Европа, соопшти европската полициска агенција Европол.

migranti

Без да бидат придружувани од родителите децата пристигнале на Стариот континент во текот на изминатата година за време на најголемата бегалска криза. Постојат стравувања дека исчезнатите деца паднале во рацете на организираната криминална мрежа за трговија со луѓе, пишува британското издание Guardian, цитирано од БГНЕС.

Шефот на Европол Брајан Доналд соопшти дека неколку илјади деца се водат за исчезнати, откако биле регистрирани во некоја од земјите. Само во Италија 5000 малолетници се водат за исчезнати, а во Шведска нивниот број е 1.000, соопшти Доналд и предупреди дека “перфектно организираната криминална структура сега се фокусира на бегалците”.

“Нема да биде пресилно, ако кажеме дека во оваа фаза потрагата е по над 10 000 деца. Сите тие нема да бидат употребени од криминалната мрежа. Дел од нив можеби веќе предадени на нивните семејства. Но ние не знаеме каде се наоѓаат овие деца, што прават и со кого живеат “, истакна уште шефот на агенцијата.

Според податоците на меѓународната хуманитарна организација Save the children минатата година во Европа пристигнале барем 26 000 деца без родители.

Од Европол тврдат дека 27 отсто од пристигнатите бегалци во земјите од ЕУ во изминатата година биле малолетни. Во 2015 година во ЕУ пристигнаа над 1 000 000 бегалци, што значи дека меѓу нив имало барем 270 000 деца.