Исламската држава ги скрати за една третина платите на џихадистите, поради пониските приходи од шверц на нафта во Турција, што доведе до значителни финансиски проблеми за формирање на нови клетки на терористите.

Ова го изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков.
“Благодарение на значителното намалување на приходите од нелегалната продажба на нафта во Турција, минатата недела ИСИС ги скрати за една третина плаќањата на бунтовниците што веќе доведе до значителни проблеми за формирање на нови единици”, изјави тој.
Конашенков истакна дека борбата против нелегалната трговија со нафта на Исламската држава довела до намалување на борбениот капацитет на бунтовниците.
Претходно руската армија соопшти дека како резултат на воздушните напади, приходите од нелегалната трговија со нафта се намалиле од 3 милиони долари дневно до 1,5 милиони долари. Според воени експерти, терористите поседуваат 8500 автоцистерни за превоз на гориво, а досега се уништени околу 2.000 цистерни.