“Престанете да ми зборувате за братски народ!” – помирителни сигнали кои Москва ги испраќа кон Киев, предизвикуваат во Украина претежно скептични реакции. Враќањето кон старото пријателство изгледа речиси невозможно.
На брегот на Днепар во Киев се уште се издигнува гигантското метално виножито. Изградено во советско време споменикот потсетува на “Обединување на Украина и Русија” во 1654 година, кога украинските Козаци побарале заштита од царот во Москва. Но по анексијата на Крим и војната во источна Украина овој споменик потсетува на нешто што веќе не постои – пријателството. Сергеј Зеловалник на драго срце би го разурнал споменикот. “Што за пријателство е тоа, штом руските војници пристигнуваат со тенкови кај нас?”, изјави поранешниот главен архитект на Киев во интервју од септември 2015 година. Киевските власти сепак одлучија да го задржат споменикот. Нешто што луѓето подбивно го нарекуваат “робството”. Во источноукраинскиот Харков се на друго мислење. Уште во ноември таму беше псоборен споменик, кој ја симболизираше руско-украинската дружба.
веќе неколку недели Русија испраќа помирувачки сигнали кон Киев. “На крајот нормалните односи меѓу нашите две држави сигурно ќе бидат вратени”, изјави шефот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев во интервју за печатот. Слични пораки се дочуја и од Кремљ и од руското МНР. “Москва е подготвена на конструктивен дијалог со Киев”, велат од Министерството за надворешни работи. Русија останува непопустлива за едно од главните прашања: статусот на Крим не е предмет на дискусија.
На крајот на декември во Русија се појави и една нова интернет-страница, наречена “вебсајт за пријателство”. Но уште името на сајтот (we-are-one.ru) сугерира дека Руси и Украинци се всушност еден народ. И затоа треба да ги заборават конфликтите. Сајтот се претставува како платформа “без политика и пропаганда” и сака да го промовира директниот граѓански дијалог. Но не е јасно кој точно стои зад овој проект.
А војната?
Руските пораки за помирување се пречекуваат во Украина со огромна недоверба. “Пријателство со Русија ли? Проверете ги нашите момци кои изгубија рацете и нозете во ова луда војна! Престанете да ми зборувате за братски народ!”, Напиша една позната украинска блогерка во почетокот на јануари. Многумина Украинци го делат ова мислење, а песната “Ние никогаш нема да бидеме браќа”, напишана од младата поетеса Киевска Анастасија Дмитрјук по анексијата на Крим, продолжува да ужива голема популарност. Над 6 милиони луѓе се прегледале на Јутјуб видеото со исполнувањето на песната.
Володимир Паниото исто така не верува дека Украинците наскоро ќе ги засакаат Русите. “Ова е исклучително тежок процес. Многу порцелан беше се испокршил”, вели директорот на Киевскиот Меѓународен институт за социологија. Резултатите од истражувањето на Институтот покажуваат дека позитивниот став на Украинците на Русите е намален драстично по анексијата на Крим – од 78 проценти во февруари 2014 година на само 30 проценти во мај 2015. Во почетокот на есента позитивниот став кон Русија се зголемил за неколку проценти што се должи на договорот од Минск, објаснува Паниото и додава дека повеќе од половина Украинци (53 отсто) се уште го опишуваат односот кон Русите како “лош” или “многу лош”.
Според Паниотоа развојот се должи на фактот дека многу Украинци имаат стекнато лично искуство од војната против проруските сепаратисти во источна Украина. “Во моментов во Украина има над 1 милион внатрешни бегалци. Мобилизацијата на армијата исто засегна многу Украинци. За нив тоа е вистинска војна. Додека повеќето Руси ја гледаат само на телевизија”, вели социологот.
Тактички маневар?
Против оваа позадина е особено изненадувачки што односот на Русите кон Украинците е дури уште повеќе негативен. 59 проценти од испитаниците Руси од институтот “Левада”, тврдат дека имаат негативен став кон Украинците. Само 27 отсто се на спротивното мислење. Според раководителот на “Левада” Лев Гудков, причината за ваквиот развој треба да се бара во руската пропаганда против Украина и Украинците. “Никогаш досега не сме регистрирале толку силно непријателство кон Украинците”, посочува Гудков. Според него руските обиди за приближување се само тактички маневар. “Овие сигнали се дел од една поголема игра, која има за цел да го ублажи западните санкции и притисокот врз Русија”, вели Гудков.
