Вработување на 100-те најдобри студенти на додипломски студии, стипендии за средношколците кои ќе освојат награда на интернационалните научни олимпијади, возобновување на анфитеатарот на локалитетот Скупи и реконструкција на Офицерскиот дом во Битола се дел од шестте нови проекти за млади што денеска ги промовираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Обраќајќи се пред младите, Груевски истакна дека тие се во фокусот и еден од најзначајните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај претходно промовираните 14 проекти наменети за младите, со новата мерка за вработување на 100-те најдобри студенти се планира секоја година, почнувајќи од август 2017 година, да бидат вработувани најдобрите по завршување на студиите во јавната администрација, акционерските друштва со доминантна државна сопственост или пак во некоја соодветна институција.
– Оаа мега мерка ќе биде сериозен стимул за најдобрите, за најстручните и најспособните студенти кои решиле да се посветат на своето образование затоа што тоа е најдобриот клуч за успехот во животот на секој поединец и негов најголем капитал. Овие луѓе ќе имаат сигурна и гарантирана егзистенција и ќе може да ја градат својата иднина во Република Македонија, нагласи Груевски.
За таа цел ќе биде изготвена и посебна методологија за рангирање, а колку повисоко е рангиран универзитетот, толку повеќе работни места ќе бидат загарантирани за студентите што дипломирале на тој универзитет.
За средношколците кои ќе освојат награда на една од 12-те интернационални научни олимпијади предвидено е да добиваат стипендија во текот на 12 месеци по освојувањето на наградата. Оние кои ќе освојат златен медал ќе добиваат од државата по 12 илјади денари, за сребрен медал стипендијата ќе изнесува 10 илјади денари, а за бронзен медал 8 илјади денари.
– Исто така како мотивација и стимулација на учесниците на олимпијадата на сите средношколци кои ќе успеат да освојат прво, второ и трето место ќе им биде доделен и вредносен ваучер во висина од 30 илјади денари кој ќе служи за набавка на потребната техничка опрема, а со цел усовршување во областа за која тие се талентирани, појасни Груевски.
Како нов значаен проект Груевски го посочи и возобновувањето на анфитеатарот со 9 илјади седишта во локалитетот Скупи за што ќе бидат инвестирани 8,5 милиони евра.
Возобновувањето планирано е да започне во првата половина на април откако претходно ќе завршат тендерските процедури.
– Со ова граѓаните пред се младите во Скопје, но и во цела држава ќе добијат еден уникатен објект кој ќе биде и еден вид туристичка атракција, а ќе може да се користи за различни намени, музички концерти на отворено, мултимедијални манифестации, претстави. Овој објект ќе биде единствен од овој карактер во целиот регион….., рече Груевски.
Тој истакна дека веќе се врши и конзервација на сценската зграда и до крајот на годината се очекува да започне нејзината изградба.
Исто така планирано е да се реконструира и Офицерскиот дом во Битола каде во еден дел планирано е да се наоѓаат и просториите на Матичното одделение, додека за останатиот дел и како ќе се користат просторите ќе одлучат битолчани.
– Во изминатиот период токму околу овој проект се крена големо внимание и би сакал да истакнам да е совршено јасно – ние никогаш не би преземале ниту еден чекор со кој би им наштетиле на граѓаните, ниту пак да се затвориме и да не го слушаме нивното мислење. Нивните потреби ни се најважни и затоа сме отворени и затоа младите во Битола и сите битолчани ќе добијат репрезентативна и целосно реконструирана зграда на офицерскиот дом, потенцира Груевски.
Тој додаде дека Минисетрството за транспорт и врски ќе го препушти овој објект во владение на општина Битола која во соработка со Владата ќе изврши целосна реконструкција.
Во рамки на шесте нови проекти планирана е и изградба на пет нови скејт паркови во Штип, Кавадарци, Охрид, Тетово и Куманово, како и целосна реконструкција на Градската библиотека „Брака Миладиновци“ во Скопје со што ќе биде опфатен и вториот кат кој сега е нефункционален. Реконстуркцијата на библиотеката се очекува да почне во јануари 2017 година, а со неа ќе се зголеми капацитетот за над 200 места и ќе има простории за индивидуално и за групно учење./MИА
