Саудиска Арабија води жестока војна во Јемен, која е одраз на историската непријателство кон Иран. Саудиското кралство делува и на економски план на работ на ризикот. А тоа е опасно- анализира DW.
Како да се справи со документи кои постојат де факто, но не и официјално. Над ова прашање си ја удира главата државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Велика Британија Тобиас Елвуд. Во рацете му е извештајот на ОН за кршењето на човековите права во војната во Јемен, доставен на еден британски пратеник. Предводена од Саудиска Арабија, арапската коалиција војува против племенската група на хусите, кои од своја страна го изгонија легитимниот претседател на земјата Абд Мансур Хади.
Британските деца тотално ја истиснаа телевизијата за сметка на интернет
Тобиас Елвуд мораше да одговара на незгодни прашања во британскиот парламент. Прво, за извештајот на ОН. Во него се вели дека арапската коалиција го прекршила меѓународното право во 119 случаи. Авионите на коалицијата бомбардирале и цивили во населени области. Од почетокот на воените дејствија во март 2015 година загинаа околу 6 000 цивили. Над 80 проценти од населението страда од недостаток на вода и хранливи производи. Тобиас Елвуд мораше да објаснува пред парламентот исто така зошто Велика Британија продолжува да продава оружје на Саудиска Арабија, која го користи во една агресивна војна.
Само во изминатите неколку месеци Британија има продадено на Саудиска Арабија оружје за три милијарди фунти.
“Вклучувајќи бомби и ракети за еден милион фунти, кои Британија има продадено на Саудиска Арабија во периодот од јули до септември 2015 година”, се вели во соодветната информација на британските пратеници. Државниот секретар ги увери пратениците дека го зема сериозно извештајот на ОН, но не може да даде повеќе објаснувања. “Ние се уште не сме го добиле формално текстот. Да, јас го имам, но официјално не сум го добил”, изјави тој и со таа изјава даде повод на весникот “Гардијан” да ја оцени ситуацијата како “фарса”.
Неочекувано големи загуби
Дебатата во Долниот дом на британскиот Парламент фрла светлина на сомнителната војна која води Саудиска Арабија во Јемен. Војната очигледно доведе до очај и кај владејачките во Ријад. Досега саудиското кралство нема долготрајни стратешки успеси. А од војната страда и саудиското население. Од почетокот на воените дејствија од истрелани ракети од Јемен загинале 380 саудиски државјани кои живеат во близина на границата. Весникот “Ал Араби ал Џадид” цитира сириски воен командант, кој вели дека од јеменска територија се истрелани над 40 000 проектили. Ожесточеноста на борбите покажува колку е важна војната за Ријад.
Од саудиска гледна точка станува збор за одбранбена битка против Иран, кој го зголемува военото и економското влијание не само во Јемен, но и во Сирија, Ирак и Бахреин. Сунитска Саудиска Арабија е најголемиот ривал на Иран. Властите се надополнуваат и од верска омраза. “Духовните водачи во Саудиска Арабија и во Иран ја оправдуваат употребата на насилство. Секој поединечен конфликт е потчинет на сунитско-шиитското ривалство. Војната и верското насилство станаа нормална состојба”, пишува “Франкфуртер алгемајне цајтунг”.
Нафтата како оружје
Саудиска Арабија води и економска војна со висок ризик. Во средината на јануари цената на суровата нафта падна до историски најниското ниво под 30 долари за барел. Сега повторно малку се зголеми. Но во јануари 2015 година барел сурова нафта чинеше над 100 долари. Саудиска Арабија важи за еден од главните виновници за падот на цените на нафтата.
Саудиското кралство експлоатира такви количини кои значително ги надминуваат светската побарувачка. На овој начин Саудијците сакаат не само да ја запрат конкуренција на директните ривали САД и Русија, туку и да го поставуваат Иран на колена. За иранската економија не е профитабилно да продава со такви ниски цени. Сметките на Ријад се јасни. Иран нема да може да ја продаде својата нафта и нема да може да се застане економски на нозе по откажувањето на санкциите. И војната со Ријад ќе ги чини премногу скапо.
Само што оваа војна излегува скапо и на Саудиска Арабија. Саудиското кралство очекува за оваа година буџетски дефицит од 87 милијарди долари. Едно од најголемите трошоци во буџетот е војната во Јемен. Според специјализираниот сајт “Ал монитор”, војната во Јемен ја чини Саудиска Арабија 200 милиони долари месечно. Саудиското кралство може да издржи такво финансиско оптоварување само неколку години. Потоа земјата би банкротирала.


