Околу 500 милиони луѓе ретко имаат вода во текот на целата година, посочуваат експертите, чии заклучоци се најзагрижувачки досега. Според нив погодени од недостиг на вода се помеѓу 1,7 и 3,1 милијарди лица на планетата.

Резултатите од истражувањето може да се користат од владите и компаниите за развој на поефикасни стратегии за управување со водните ресурси, за подобро да биде задоволена итната потреба од вода на луѓето.
Порастот на населението, подобрување на животното ниво, промените во потрошувачката и развојот на наводнувањето во земјоделството се главните фактори за силното зголемување на потребата од вода во светот, објаснуваат авторите на извештајот од Универзитетот во холандскиот град Твенте.
Според извештајот, освен во Индија и Кина сериозен недостиг на вода доживува голем број на луѓе во некои периоди од годината во Бангладеш, Пакистан, Нигерија, Мексико и САД (главно во Калифорнија на југозапад и во Тексас и Флорида на југ).
Четири милијарди луѓе во светот, вклучувајќи речиси две милијарди во Кина и Индија, имаат недостиг на вода најмалку еден месец годишно.