Прашањето дали ќе има или ќе нема бегалски кампови на територијата на Македонија претседателот Иванов го затвори на самитот во Брисел во октомври 2015 година. На тој самит точно и јасно беше кажано дека на територијата на Република Македонија ќе има само два транзитни центри, на југот за 1.500 бегалци, и на север за 500 бегалци, изјави Ивица Боцевски, посебен советник во кабинетот на претседателот Иванов, кој ги демантираше, како што наведе, лагите и невистините изнесени во денешното соопштение на ЛДП дека Иванов се согласил на територијата на Македонија да има бегалски кампови.
– Република Македонија останува на својот став, ние сме транзитна држава, ние не сме земја крајна дестинација и како транзитна држава остануваме со капацитетите. И натаму се залагаме за сеопфатно европско решение. И натаму се залагаме за целосна заштита на граничната црта, за целосно менаџирање на бегалците, целосна регистрација на бегалците и нормално се залагаме за сеопшто европско решение кое ќе ги земе предвид барањата на сите земји и потребите на сите земји, изјави Боцевски.
Посочи дека претседателот Иванов од мај предупредува дека Европа ја очекува бегалски бран и дека е потребно сеопфатно европско решение, затоа што оваа криза не може да се решава парцијално и без најзасегнатите земји коишто се наоѓаат на балканската рута меѓу кои е и Македонија.
Република Македонија смета дека треба да и се помогне и на Турција и на Грција, истакна Боцевски, но дека еднострани решенија на било која земја од коридорот не води кон решение.
Тој додаде дека Македонија е земја која прогласи кризна состојба, а претседателот Иванов потпиша акт со којшто илјада војници се ставени на располагање на јужната граница и ја обезбедуваат границата, го канализираат протокот на бегалците, и овозможуваат целосна регистрација и хуманитарна заштита на самите бегалци.
Боцевски констатираше дека сите оние кои пласираат вакви измислици, тоа го прават за ситни политички поени или пак ги преспале последните шест месеци./MИА
