Последниот јануари бил најтопол месец за последните 135 години, откако се води регистар на температурите во различни региони на светот, објавија климатолозите од проектот Climate Central. Според нивните податоци, просечната месечна температура била 1,3 степени над онаа во другите години.

Температурата на Земјата продолжува да се покачува четврти месец по ред, анализираат научниците. Според нив, нашата планета веќе е со еден степен потопла во споредба со просечните температури во последните 135 години. Единствените исклучоци се Антарктикот, Скандинавија и јужен Сибир. Насекаде во останатиот свет температурите се повисоки од нормалните од 1 до 4 степени. Да потсетиме дека НАСА објави дека 2015 година е најтоплата откако се собираат температурни податоци. Почетокот на 2016 година покажува дека ќе имаме нови рекорди, јануари и февруари се меѓу најтоплите месеци на нашата планета. Тоа доведува до масовно топење на мразот во северната хемисфера и зголемување на нивото на океаните.