Конкуренција по квалитет, а не по бројност ќе овозможи правниот факултет при универзитетот „Дамјан Груев“ за чие основање со предложеното законско решение во Собранието, расправа матичната собраниска Комисија. Тоа го оцени денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој за текот на расправата во Комисијата беше информиран од претседателката Олга Најденовска при посета на населени места во општина Гази Баба.

Има добра замисла, како што оцени, Универзитетот да конкурира со најдобрите во светот и за седум-осум години да влезе на некое повисоко место во листата на рангирање што ја прави Шангајскиот универзитет.
– Во делот на Правниот факултет замислата е да се формира факултет кој нема да апсорбира многу студенти, веројатно 50 до 60 годишно, што е далеку од она што е Правниот во Скопје, но ќе се ангажираат професори од други држави, од Америка, од Западна Европа, кои имаат објавено многу трудови во списанија со импакт фактор. Овој факултет треба да даде стимул и за останатите факултети да одат во тој правец, значи да имаме ситуација со поголем квалитет. Квантитативно не може да биде конкуренција затоа што се запишуваат по 800, 900, а во новиот ќе бидат 50 до 60. Нема причина за страв, а ќе има многу висок квалитет, рече Груевски.
Груевски смета дека исто ќе биде и на Медицинскиот факултет каде наставата ќе се изведува на англиски јазик, со наши професори, но поголемиот дел ќе бидат врвни професори од најсилните универзитети кои ќе дојдат на месец два, ќе држат предавање и потоа ќе вршат он-лајн испити.
– Тоа е начин на кој се предава и оценува на врвни универзитети во светот и по други стандарди. Идејата е за десетина години тие факултети да продуцират многу поквалитетен кадар од тоа што е сега во Македонија. Не велам дека нашите професори се лоши, но сепак во светот има држави коишто се понапред, рече Груевски, посочувајќи дека кадрите што ќе излезат од новите факултети ќе бидат конкурентни на светскиот пазар.
Тој претпоставува дека на тие факултети ќе студираат студенти со најголем капацитет, а професорите што ќе им предаваат ќе ги воведат во сите можности за добивање грантови за наука која е реална и конкурентна на светско ниво, а не само во државава и регионот.
– Идејата е десет години да имаме такви врвни професори на помал број студенти, бидејќи ако направиме масовен нема да можат да постигнат квалитет, рече Груевски.
Според него 500 студенти што за тој период би биле продуцирани ќе внесат квалитет во образованието во иднина.
Груевски ги демантира тврдењата дека новите факултети ќе бидат место за партиски вработувања, а ова го потврдува со фактот дека таму ќе бидат вработени врвни професори.