Во врска со поднесената кривична пријава од дополнителниот заменик министер Љупчо Николовски за министерот Михаил Цветков, за наводна злоупотреба на службена должност, уште еднаш ќе повториме дека се работи за чистење на 105 километри каналска мрежа на цела територија на Република Македонија. Кои канали ќе се чистат беше одлука на водостопанските претпријатија согласно изработените елаборати и од нивна страна е распишан тендер на кој се јавија 15 оператори. На спроведената електронска јавна аукција најниска цена понудија 4 фирми, меѓу кои и АД Силекс, по што, со одлука на комисијата е изготвен договор со овие 4 фирми согласно тендерските услови и најниската цена.
Во врска со наводниот судир на интереси, уште еднаш повторуваме дека министерот Цветков веднаш по стапувањето на функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство поднесе две барања до Собранието на А.Д. Силекс за негово разрешување од член на Управен одбор. Откако не добил документ за негово разрешување, министерот, согласно Закон, до државната комисија за спречување на корупција достави изјава заверена на нотар дека не е член на УО на ова акционерско друштво.
Од тие причини сметаме дека не се сторени повреди на законските прописи кои ја уредуваат оваа материја.
Интегрален текст
