Маријан Котлеба бил поранешен професор по информатика во средно училиште. Денес е лидер на екстремистите во Словачка, актуелен гувернер на Банско-бистрицката покраина.

Котлеба, лидерот на екстремно десничарската Народна партија „Наша Словачка“, е политички ангажиран од пред нешто повеќе од 10 години.
Котлеба се појави како претседател на здружението „Словачка солидарност“, а подоцна кога тоа се трансформкра во политичка партија стана нејзин лидер, но само кратко. По една година заради кршење на Уставот и ширење насилство и фашизам, партијата беше забранета и повторно стана здружение.
Триесет и седумгодишниот Котлеба има репутација на ултрадесничарски радикал и како што пишува чешкиот весник „Хосподарске новини“, против него има поднесено обвинение за поддршка на групи кои се залагаат за непочитување на основните човекови права и слободи.
Осомничен е и за ширење на наркотични средства и закани врз основа на потекло и боја на кожата. Против него биле поднесени кривични пријави и за оштетување на имот и други дела, но според медиумите, постапките не биле спроведувани до крај и секогаш биле прекинувани или биле третирани како прекршок.

При неговата прва гувернерска кандидатура, тој во јавноста беше критикуван за летоците против Ромите каде ги нарече „цигански паразити“, а против него беше поднесена и пријава за клевети против одредена нација, раса и вера, која подоцна повторно беше отфрлена.
Во 2013 година на големо изненадување на јавноста тој беше избран за гувернер.
Првпат се обиде да освои парламентарен мандат во 2012 година, но помина неуспешно. Но, на саботните избори неговата партија освои 14 мандати, што според словачките аналитичари, се должи на „поттикнувањето на ксенофобичната атмосфера“.
Сепак актуелниот премиер Роберт Фицо, кој освои најголем број гласови и кому ќе му треба поддршка од повеќе партии за да формира влада, ја отфрли можноста за коалиција со екстремно десничарската Народна партија „Наша Словачка“.