Социјалдемократскиот сојуз му порачува на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој вечерва одржува конгрес за отчет на партијата, дека вистински промени во Македонија доаѓале по изборите.

– Единствен резултат преточен во дела на Никола Груевски се криминалот, стотиците илјади спорни гласачи и фантоми во Избирачкиот список преку коишто години наназад го крадел слободниот глас на граѓаните. Вистинскиот отчет на Никола Груевски пред граѓаните доаѓа по демократските промени, се вели во соопштението на СДСМ.
Оттаму дополнуваат дека Груевски потоа ќе треба да даде отчет, за како што велат, извлечените над 5 милијарди евра пари на граѓаните надвор од Македонија и за сите криминални зделки и провизии за негово лично богатење и богатењето на фамилијата.
– Никола Груевски ќе даде отчет за иселените 626.312 граѓани, пред се млади луѓе, коишто поради неговите „дил-ориентед“ политики се иселија од Македонија. Груевски ќе даде очет поради тоашто на криминален начин потроши 630 милиони евра за споменици а во сиромаштија живеат над 500.000 граѓани во земјава. Отчет Груевски ќе даде затоа што неговите расипнички и коруптивни политики затворија над 10.000 фирми, се вели понатаму во соопштението на најголемата партија во опозиција.
Тие на најголемата владејачка партија и нивниот лидер им порачуваат дека ќе треба да дадат отчет пред граѓаните и затоа што Македонија била на 13-то место по бедотија во светот. Затоа што Македонија била на врвот во Европа по смртноста на бебињата. Затоа што годишно умираат 1.350 граѓани поради загаден воздух.
– Секоја украдена пара од граѓаните ќе им биде вратена назад, на граѓаните. Оние што го прекришиле законот ќе одговараат. Денешниот така наречен отчет на Никола Груевски и криминалната банда којашто 10 години ги краде и манипулира граѓаните е врв на лицемерие и потценување на граѓаните на Република Македонија, смета Социјалдемократскиот сојуз.