Романската колешка на Јанева затворила 970 политичари и бизнисмени, запленила имот вреден 195 милиони евра

од desk3
85 прегледи

Битен индикатор за довербата во институциите кои се борат против корупцијата е довербата на народот. Ние во последните години во Романија не само што успеавме да ја добиеме довербата на народот, туку му го променивме и менталитетот и дури 87 отсто од пријавите што ги добиваме за корупција се од граѓаните. Ова го порача Лаура Кодрута Ковеси, главниот обвинител на Националниот директорот за антикорупција на Романија на денешната конференција „Ефективна борба против корупција на високо ниво: прашање на личност или на систем?“, во организација на Програмата на УСАИД за антикорупција и Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Katica-i-Laura-1
– Најголема доверба во Романија на институционално ниво има Националниот директорат за антикорупција. Моментално Агенцијата ужива доверба од 61,2 отсто од граѓаните… Во Романија во последните 15 години корупцијата претставуваше систем што беше навлезен во сите пори од општеството, а повеќето од договорите за јавни набавки се вршеа врз основа на понуда на мито во визнос од 5 до 30 отсто од вредноста на договорот. Пред 10 години по влегувањето во ЕУ направивме професионална структура на лица кои работат за елиминација на корупцијата и со специјален закон ја оформивме Националната дирекција против корупција. Работата на нашата Дирекција вроди плод, а тоа го забележа и Европската комисија во 2014 година, рече Кодрута Ковеси.

Наумов: Државата денеска се задолжи со 93.6 милиони евра со камата зголемена за 84%

Таа истакна дека за успешна соработка и ефективна борба против корупцијата е неопходна соработка меѓу институциите и потенцира дека при промената на законите треба да бидат прашани и оние кои ги применуваат и да се види кои се нивните потреби.
Лани, како што кажа, Дирекцијата покренала 1.250 обвиненија против лица за средна и висока корупција, како и против 83 правни субјекти обвинети за корупција. Меѓу обвинетите се и еден премиер, пет министри, 16 пратеници, пет сенатори, 97 градоначалници и заменици-градоначалници, 15 претседатели и заменици-претседатели на општински совети и 32 директори на национални компании.
– Од 1.250 обвинети 970 се осудени, меѓу кои има 18 адвокати, 11 обвинители, министер, сенатори,…, а другите случаи се уште се во постапка. Лани побаравме и мерка привремен притвор за шест пратеници, двајца сенатори и еден судија на Уставниот суд. За тоа ни требаше дозвола од Парламентот, бидејќи овие лица не можеа да бидат притворени без таква дозвола. Тие, дури не смеат да бидат и под истрага без дозвола на Парламентот и на Сенатот, рече Кодрута Ковеси, нагласувајќи дека добиле одобрение за притвор и на еден премиер, за еден министер и тројца поранешни министри. Тоа, како што нагласи, ја покажува независноста на институцијата и појасни дека меѓу обвинетите и осудените има припадници на сите политички партии што се моментално во романскиот Парламент.
– Во постапките во текот на минатата година имаме побарано мерка одземање на имот и добра во вредност од повеќе од 500 милиони евра, а од овие средства правните истанци во Романија одобриле одземање на 195 милиони евра, посочи Кодрута Ковеси и додаде дека во повеќе од 93 отсто од случаите судовите ги прифаќаат обвиненијата поднесени од Дирекцијата.
Потенцира дека Дирекцијата секоја година во Буџетот на Романија од пресудите носи многу повеќе средства отколку што троши за својата работа. – Романија која има 22 милиони жители има 2.400 обвинители, од кои 195 работат во Дирекцијата. Дирекцијата е надлежна за корупција во вредност од над 10.000 евра, а останатите коруптивни дејанија се во надлежност на Јавното обвинителство, појасни Кодрута Ковеси. /МИА