
Преку една милијарда евра инвестиции во патна инфраструктура во земјата, над 20 милиони евра за изградба на 678 станови за ранливи категории граѓани, преку 12 милиони евра за изградба на водоводни и канализациски системи во 30 општини, како и спроведена легализација на 147.000 дивоизградени објекти и намалени комуналии за градба и цена од 1 евро за квадрат за државно неизградено земјиште, рече министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски во отчетот за сработеното од 2006 година во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Никола Груевски во изминатиот период беше фокусирана на реализација на капитални инфраструктурни проекти се со цел да создадеме квалитетна транспортна мрежа и поквалитетен живот за граѓаните на Македонија. Од 2006 година кога ја добивме довербата од граѓаните започнавме активно да работиме на сите проекти кои ги имавме ветено или ги ветувавме во текот на изминатите години“, рече Мисајловски.
Посочи дека досега се изградени и рехабилитирани 85 километри автопатска мрежа, инвестиција од 70 милиони евра, реконструирани се 55 магистрални и регионални патишта со вкупна должина од над 510 километри инвестиција од 93 милиони евра, инвестирани се 65 милиони евра во реконструкција на 404 локални патишта со вкупна должина од околу 750 километри, изградени и санирани се 12 мостови во вредност од пет милиони евра, осветлени се 38 клучки во вредност од 3,5 милиони евра и санирани се 17 свлечишта во вредност од четири милиони евра.
Мисајловски информира дека во тек е изградба и реконструкција на 142 километри автопат во вредност од околу 800 милиони евра, реконструкција на 13 регионални патишта со вкупна должина од 165 километри и инвестиција од 48 милиони евра, додека во наредниот период ќе се инвестираат 373 милиони евра за реконструкција на 11 регионални правци во должина од 200 километри.
„Покрај инвестиции во патната мрежа вложуваме над половина милион евра и во изградба на железница кон Бугарија и уште една пруга кон Грција. Во тек е изградба на пруга од Битола до Кременица во вредност од 19 милиони евра со средства од ИПА фондовите, а завршена е реконструкцијата на железничката станица во Скопје и отпочната е реконструкција на 10 железнички станици на Коридорот 10 во вредност од 4,5 милиони евра“, рече Мисајловски.
Оваа Влада предводена од Никола Груевски, посочи Мисајловски, успеа да набави шест нови патнички возови и 150 нови товарни вагони, инвестиција од 40 милиони евра, а мерката бесплатен превоз со воз за пензионери, млади до 27 години, студенти и ученици ја искористиле преку 185 илјади патници со што нивните семејства заштедиле вкупно 770 илјади евра.