(ВИДЕО) Азербејџанско- ерменска војна: Се употребуваат тенкови, авијација, ситеми “Град”…

од desk3
85 прегледи

Тешки борби со тенкови и артилерија избувнаа во текот на ноќта петок спроти сабота меѓу ерменски и азербејџански сили по линијата на фронтот во сепаратистичкиот енклава Нагорно Карабах во Азербејџан, пренесоа агенциите и АП.

Азербејџанското Министерство за одбрана, цитирано од ТАСС, објави дека Азербејџан воспоставил контрола над голем број стратешки височини и населени места во Нагорно Карабах. Во борбите со ерменските сили се убиени и повредени над 100 ерменски војници и се уништени шест ерменски тенкови, 15 артилериски лансери и инженериски утврдувања, додаде азербејџанското Министерство за одбрана.

https://youtu.be/U4-kstwx9rs

Во борбите исто така се убиени 12 азербејџански војници и е соборен азербејџански хеликоптер. Покрај тоа азербејџански тенк наишол на мина.

Министерството соопшти дека има убиени и ранети и меѓу цивилното население, но не соопшти податоци за нивниот број.

Портпаролот на претседателот на отцепената од Азербејџан Република Нагорно Карабах Давид Бабајан соопшти дека при азербејџански напад со ракети “Град” е убиено момче на околу 12 години, а други две деца се повредени, пренесе АП.

Министерството за одбрана во Ереван соопшти дека азербејџанските сили користеле борбени авиони, тенкови и артилерија, за да влезат во Нагорно Карабах, затоа “азербејџанските власти ја носат целата одговорност за наглото зајакнување на тензиите”.

Портпаролот на министерството – Арцрун Хованисян, за АП изјави дека борби се водат по целата линија на контрола, која ги дели Нагорно Карабах од Азербејџан. Тој напиша на “Фејсбук” дека е погоден ерменски хеликоптер.

Според азербејџанското Министерство за одбрана борбите избувнале кога ерменските сили истрелале артилериски гранати и мини во фронтот. Портпаролот на министерството за АП изјави дека некои од гранатите дошле во областите населени со цивили.

Двете страни велат дека борбите продолжуваат и денеска, пренесува АФП.

Рускиот претседател Владимир Путин е длабоко загрижен од извештаите за обновување на воените дејствија во Нагорно Карабах и повикува страните во конфликтот веднаш да го прекинат огнот и да манифестираат воздржаност, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од агенциите.

Во рамките на напорите на Русија по нормализирање на ситуацијата во Нагорно Карабах , министерот за надворешни работи Сергеј Лавров разговарал со колегите од Ерменија и Азербејџан и ги повикал да влијаат за прекин на насилството, соопшти Министерството за надворешни работи.

Војната за Нагорно Карабах – енклава во Азербејџан, контролиран од ерменски сили и локални етнички Ерменци, започна во 1991 година, по распадот на Советскиот Сојуз, потсетуваат агенциите. Во неа загинаа околу 30 илјади лица.

Во 1994 година, огнот беше прекинат, но на преговорите за решавање на конфликтот под покровителство на ОБСЕ нема напредок.

Азербејџан, кој има значителни нафтени наоѓалишта и чиј буџет за одбрана е поголем од вкупниот буџет на Ерменија, периодично се заканува дека ќе го превземе со сила сепаратистичкиот Нагорно Карабах, ако преговорите не дадат резултат, додава АФП.