За четири дена над 250.000 нарачки на новиот „тесла модел 3“

од desk3
90 прегледи

Елон Маск, основачот и шеф на американската компанија „Тесла моторос“, со седиште во Калифорнија, соопшти дека пред-нарачките на долгоочекуваниот електричен автомобил со ознака „модел 3“ ја надминале бројката од 250.000 возила, јавуваат светските медиуми.

tesla-model-3

Станува збор за целосно електрично возило со пет врати, кое својата светска промоција ја имаше во четвртокот оваа недела. „Модел 3“ на „Тесла“, за разлика од „модел с“ и „модел икс“, е со поприфатлива цена. Основниот модел чини 35.000 долари и со едно полнење на батериите може да помине околу 350 километри.

Автомобилот може да се нарача однапред во повеќе земји во светот, меѓу кои и во Велика Британија, Ирска, Бразил, Индија, Кина и Нов Зеланд.

Потенцијалните сопственици на автомобилот треба да платат депозит од 1.000 долари за резервација на возилото, чии први испораки ќе стартуваат кон крајот на 2017 година.

Пред-нарачките на „Модел 3“ не значат нужно дека толкав ќе биде и бројот на продадени возила.

Алудирајќи на големата заинтересираност за возилото, Маск на својот твитер-профил напиша дека „дефинитивно мора повторно да размисли околу планирањето на производството“.

Моменталниот план на Маск е да произведува 500.000 возила годишно, кога капацитетите на „Тесла“ ќе бидат подготвени за тоа.

 

МЕТА