По повод последните настани во Нагорно Карабах “Дојче веле” потсетува на свој текст од 2014 година, каде објаснува колку е комплицирана ситуацијата во Јужен Кавказ.
Гласањето во Генералното собрание на ОН на 27 март 2014 година беше уникатно. Мнозинство од 100 земји остро ги осуди дејствијата на Русија на полуостровот Крим и го прогласи референдумот за пристапување на полуостровот кон Руската Федерација за нелегален. Меѓу поддржувачите на одлуката беше и Азербејџан. Соседна Ерменија сепак беше меѓу деветте земји, кои поддржале Русија, заедно со земји како Белорусија, Северна Кореја и Либија. Всушност различното однесување на двете јужнокавказки републики не е изненадувачко, пишува Даниел Вехлин на страниците на “Ноје цурихер цајтунг”. Русија ја исполнува функцијата на безбедносниот штит за Ерменија и ја користи нејзината територија како свое воено предмостие. Во воената база во Гјумри Русија распоредила неколку илјади војници, како и борбени авиони и ракетни системи. Договорот за користење на воената база истекува во 2044 година.
Уште еднаш за стапот и морковот
Двете страни постојано ги нагласуваат традиционално добрите односи, но тие се далеку од вистинско рамноправно партнерство. Москва го гледа местото на Ереван во Царинската унија, во кој моментално влегуваат Казахстан и Белорусија. Амбицијата на Москва е до 2015 година збирната унија да прерасне во замислената Путин евроазиска унија, кој ќе претставува противтежа на ЕУ. Во септември минатата година ерменскиот претседател изненади голем дел од сонародниците, водејќи ја неговата земја да се приклучи на царинската унија, создадена од Русија, Белорусија и Казахстан, под услов по долгите преговори два месеци подоцна мораше да потпише договор за слободна трговија со ЕУ – прв чекор кон идно интегрирање на Ерменија во европскиот блок, потсетува АФП.
Но, како дојде до “желбата” на Ереван за влез во Царинската унија? Главно преку економска и политичка принуда од страна на Русија. Во летото 2013 година Москва ги зголеми драстично цените на енергетските испораки за Ереван и ги ревидира дури откако ерменскиот претседател Саркисјан настапи со подготвеност да се приклучи на Царинската унија. Политичката принуда пак е поврзана со фактот дека Ерменија очекува од Русија поддршка и заштита во рамките на нерешениот спор за Нагорно Карабах. Сето ова објаснува зошто Ерменија ја одобри и анексијата на полуостровот Крим. Во разговор со Владимир Путин, ерменскиот претседател Саркисјан го истакна правото на самоопределување на населението во Крим и на тој начин го легитимира Кримскиот референдум. Ерменските надворешнополитички аналитичари зборуваат за логична поддршка на својот традиционален “сојузник”.
DW: Македонија не е подготвена за избори, но кој ќе го соопшти тоа?
Азербејџан на другиот пол?
Сосема поинаку стојат работите во Баку. Без отворено да ја критикува Москва и без да ја именува Украина, азербејџанскиот претседател Алијев сепак зборува за “неприкосновниот територијален интегритет” на земјите, кој, според него, може да се менува само преку соодветни договори. Министерството за надворешни работи во Баку е уште покатегорично, и вели дека Азербејџан се држи на принципот за “неприкосновеноста на територијалниот интегритет на Украина”. Москва внимателно ја набљудува пораснатата самодоверба и новите амбиции на Баку за приближување со Западот, НАТО и САД, што ја тера да ги засилува и сопствените трговски и економски односи со јужниот сосед. Русија и Азербејџан водат територијални спорови, како и битка за експлоатација на суровини.
Во корист на Азербејџан зборува стратешката положба на Каспиското Море, богатите резерви на нафта и природен гас, како и можноста да стане извозник на природен гас за Европа. Москва има помалку можности за влијание над Баку отколку над Ереван. “На крајот сепак Азербејџан е џуџе во споредба со Русија и е зависен од добрите билатерални односи”, коментира Даниел Вехлин на страниците на “Ноје цурихер цајтунг”. Кон тоа се додава и фактот дека Русија е копретседател на Комисијата за Нагорно Карабах на ОБСЕ заедно со Франција и САД. Во меѓународните односи непризнатата република Нагорно Карабах припаѓа на Азербејџан, но е под контрола на Ерменија, исто како и другите седум азербејџански провинции. Во регионот постојано се доаѓа до крвави судири. Улогата на Русија во конфликтот за Нагорно Карабах е доста контроверзна. Од една страна Москва ја поддржува Ерменија, но истовремено испорачува оружје како на Ереван, така и на Баку.
Трансатлантски јаз со Москва околу украинската криза може да доведе дотаму што САД и Франција да ја зајакнат својата посветеност кон блокираните со години мировни преговори за Нагорно Карабах, со цел да го намалат влијанието на Русија во Јужен Кавказ. Тоа, сепак, може да доведе до дополнително намалување на руската подготвеност за соработка со Запад, како и до заострување на вкупната ситуација. Засега Кремљ не ги открива картичте. Ерменија, која е силно зависна од Русија, најверојатно, ќе биде уште посилно водена од Кремљ, а нејзините интереси – жртвување заради целите на руската надворешна политика. Таквиот развој на работите би и дало на Москва и значително посилен лост за влијание против Баку.



