Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска и утре ќе престојува во работна посета на Република Турција, по повод учеството на 19. Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара во Истанбул.![]()
Како што соопшти неговиот Кабинет, претседателот Иванов ќе се обрати на свеченото отворање на 19. Евроазиски економски самит, а ќе има и свое обраќање на претседателската сесија.
Во делегацијата предводена од македонскиот претседател, за време на работната посета на Република Турција, е и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, Џери Наумоф.
Во соопштението од Кабинетот се посочува дека ова е шесто учество на претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум, кој секоја година се организира од 1998 година.
Годинава е најавено присуство на актуелни и поранешни државници, претседатели, премиери, министри, истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедниците од 40-тина држави.
Организатор на Евроазискиот економски форум е Мармара фондацијата, група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Фондацијата активно е вклучена во јакнење на економските врски, подобрување на регионалната соработка со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти