Вооружените сили на Ерменија го прекршиле во последното деноноќие 110 пати прекинот на огнот на различни насоки на фронтот со користење на 60-милиметарски минофрлачи и тешки митралези. Тоа го изјави денеска Министерството за одбрана на Азербејџан, соопшти ТАСС.
Според податоците на министерството биле гаѓани позиции на азербејџанската армија распоредени на границата меѓу двете земји и во Нагорно Карабах.
“Во согласност со оперативната околина вооружените сили на Азербејџан нанесоа 114 удари по позиции и ровови на противникот”, се вели во пораката.
Портпаролот на ерменското Министерство за одбрана Арцрун Оганесјан соопшти дека азербејџанската армија изминатата ноќ гаѓала позиции и населби во североисточна и источна Ерменија со 122-милиметарски минофрлачи и противтенковски гранати. Нема повредени при бомбардирањето, прецизира портпаролот, цитиран од агенциите.
