Медиумите не смеат да бидат поколебани во своето истражување заради арогантниот однос на некое именувано лице, заради отсуството на соработка или одбивањето да даде податоци.
Пишува: Проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Според Законот за спречување на корупцијата „Вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и положба, како и работите од јавен интерес се јавни и подложни на јавна контрола.“ Ова посебно се однесува на именувани лица на високи функции во власта кои во своите раце концентрираат голема моќ и во исто време голема можност за злоупотреба на таа моќ и за прикривање на евентуалните злоупотреби.
Интересот на медиумите за начинот на кој именувани лица на високи функции во власт ја остваруваат власта и нивното барање соодветни официјални податоци за евентуални злоупотреби е не само легитимно, туку и задолжително во остварувањето на нивната контролна функција.
Од тука, сосема е оправдан и на место интересот кој медиумите го покажаа задвижењето на имотот на Никола Груевски кој ја обавуваше функцијата премиер на државата 9 години, за кој постои основано (телефонските разговори јавно објавени) сомневање дека ја злоупотребил функцијата со цел стекнување лична материјална корист и кој и се уште е активен на политичката сцена.
Она што не може да се оправда е однесувањето на Комисијата за спречување на корупција.
Прво заради очигледното одбивање на комисијата да соработува со медиумите:
- Антикорупциска ве моли да не се интересирате за имотот на Груевски,
- Антикорупциска комисија: А зошто ве интересира имотот на Груевски?.
Второ, заради индициите дека комисијата се обидува да затскрие податоци поврзани со движењето на имотот на Никола Груевски (Првиот антикорупционер го бранеше Груевски дека е „чист“), за што најразработени анализи беа дадени на Телма телевизија и напорталот Призма (во рамките на проектот за независно новинарство).
Како резултат на однесувањето на комисијата, во неколку медиуми дури се отиде и чекор понатаму и се постави прашањето за потребата од формирање специјална Комисија за спречување на корупција (Македонија и сè е специјално: Се крчка ли нова Антикорупциска комисија?)
Еден од клучните партнери во обезбедувањето на контролата над вршителите на власта и јавните овластувања се независните контролни тела како што е и Комисијата за спречување на корупцијата. На медиумите им е потребна оваа комисија заради добивање релевантни информации и анализи, а на комисијата ѝ се потребни медиумите, со цел распространување на информациите, но и вршење притисок врз оние кои се на власт во случаите кога кога ќе се утврди злоупотреба со нивно експонирање пред очите на јавноста, или пак, кога комисијата е ограничена во нејзиното делување.
Имајќи го ова предвид, медиумите тропнаа на вистинска врата со прашањето за движењето на имотот на поранешниот премиер Никола Груевски и барањето јавноста да биде запознаена со податоците дадени во анкетните листови кои според законот требало да ги даде и редовно да ги ажурира.
Отсуството на партнерски однос меѓу медиумите и Комисијата за спречување на корупција е цврст индикатор за несоодветното работење на комисијата и фактичкото отсуство на овој заштитен механизам од правната мапа на државата.
Од тука, прес конференцијата на Комисијата за спречување на дискриминација, а во врска со интересот на јавноста за движењето на имотот на поранешниот премиер Никола Груевски, не смее да биде крај, туку треба да биде почеток на интересот на медиумите, како за работењето на комисијата, така и за имотот на Никола Груевски. И токму тоа е најдобриот одговор што ќе дестимулира идни такви обиди за замолчувања – едноставно ќе знаат дека ако ги „предизвикаат“ новинарите – тие ќе одговорат со „копање“.
Во натамошните анализи може да се тргне од процената за вистинитоста на тврдењата на претседателот на комисијата Горан Миленков дадена во рамките на Вистиномер.мк (Претседателот на Антикорупциска „е скаран“ со „неговиот“ закон), во која што се опфатени прашањето на јавноста, траењето на обврската за следење на имотната состојба на поранешните именувани лица, и траењето на обврската за јавно презентирање на анкетните листови на поранешните именувани лица.
Новинарите не смеат да ја остават на мира Комисијата за спречување на корупција и треба да побараат одговор на прашањата:
- Зошто е направен таков програм кој ги брише од веб-сајтот на комисијата податоците (анкетните листови) на поранешните именувани лица?
- Дали работата на комисијата завршува со доставувањето на анкетниот лист на конкретно именувано лице?
На пример, во случајот на Никола Груевски во неколку медиуми се појави информација дека анкетниот лист на поранешниот премиер е уредно доставен до Комисијата:
- Анкетниот лист поднесен, соросовите медиуми со чаушовски обид да се фабрикува афера,
- Груевски: Наводите дека поседувам имот кој не е во мојот анкетен лист се невистинити и измислени,
- Груевски: Анкетниот лист го доставив до ДКСК во законскиот рок,
- ДКСК: Анкетниот лист на Груевски е доставен уредно и во законскиот рок)
и се создаде впечаток дека тоа е доказ за соодветното работење на поранешниот премиер.
- Меѓутоа, остана неодговорено прашањето дали анкетниот лист кој е добиен од Никола Груевски е испитан од страна на комисијата од аспект на членот 33 од Законот за спречување корупција, според кој се бара детален попис со наведување на основот на стекнување? Што е со деловите каде што е напишано дека основот е непознат? Или, дали го испитала потеклото на уметничките слики кои се појавуваат во анкетните листови, низ призмата на членот 30 од Законот за спречување на корупцијата, а според кој „Избрано или именувано лице, службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие или друго правно лице што располага со државен капитал не смее да прима лични подароци или ветување за подарок, освен пригодни подароци, како книги, сувенири и слични предмети во вредност чија висина е утврдена со закон“.
- Дали комисијата до сега направила анализа врз основа на член 25 од Законот за спречување на корупцијата според кој „Избрано или именувано лице, службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа и друго правно лице што располага со државен капитал е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин…“?
- Дали комисијата не мисли дека заштитата на податоците за движењето на имотот на поранешни именувани лица во власта е спротивна на дел од наодите на комисијата на Прибе (mk, en) според која: „Наодите објавени неодамна покажаа сериозни инциденти на политичка корупција на различни нивоа и на повеќе начини. Борбата против овој вид на корупција дефинитивно треба да стане врвен приоритет за земјата. Проблемот со корупцијата е доволно значаен за посебен извештај. Фактот што ова прашање не е во детали разгледано во овој Извештај не е затоа што ова прашање не е од големо значење, туку затоа што неговото третирање во рамките на извештај кој содржи и други прашања нема да му даде доволно внимание. Покрај специфичните прашања кои произлегуваат од тековната криза, предизвикана со скандалот со следењето на комуникациите, кој е и примарен фокус на овој извештај, корупцијата е најсериозниот проблем со кој се соочува земјата.“ ?
- Која е гаранцијата дека Комисијата за спречување на корупција ќе ја остварува својата исклучително значајна улога во изборите (една од гаранциите за фер и демократски избори) кога истата таа комисија не е спремна ниту да ги сподели со јавноста документите кои според закон треба да бидат достапни секому, а камоли да постапува во случаи на сомнение за злоупотреба на функцијата од страна на именувани лица во власта?
Медиумите не смеат да бидат поколебани во своето истражување заради арогантниот однос на некое именувано лице, заради отсуството на соработка или одбивањето да даде податоци. Напротив, ваквото однесување треба да биде причина заради која медиумите со уште поголема упорност, жар и настојчивост ќе се „нафрлат“ врз именуваното лице и нема да дозволат да се затскрие зад функцијата или погрешното презентирање на законските одредби.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
![goran_milenkov-550x253[1]](http://libertas.mk/wp-content/uploads/2016/04/goran_milenkov-550x2531.png)