Собрание: На Ушковски на 21 април 2016 година му завршува мандатот, а со тоа и функцијата

од desk3
81 прегледи

uskovski
Во врска со написите околу претседателот на Судскиот совет Бранко Ушковски, сакаме да известиме дека на ден 21 април 2010 година Собранието на Република Македонија го избра Бранко Ушковски за член на Судскиот совет со мандат од шест години. Да потсетиме дека Судскиот совет од своите членови потоа самостојно го бира претседателот на Советот. Врз основа на Законот за Судскиот совет на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 60/2006 и 69/2006), на Бранко Ушковски на ден 21 април 2016 година му завршува мандатот, а со тоа и функцијата во Судскиот Совет на Република Македонија.

За жал група на медиуми и новинари без да го отворат споменатиот Закон или да побараат објаснување од Собранието на Република Македонија сега пласираат невистини дека на Ушковски Собранието со „премолчување“ му го продолжило за 4 месеци неговиот мандат.

Ваквите груби манипулации многу реално го покажуваат отсуството на минималните новинарски стандарди на одредени медиуми и новинари.

За жал тоа само придонесува кон натамошно рушење на легитимитетот на институциите во државата, на создавање на недоверба кај граѓаните, а сето ова не е во функција на решавањето на сегашната политичка состојба во државата туку напротив таа ја продлабочува, што секако не е во интерес пред се на граѓаните.
Собрание на Република Македонија