Меѓу вработените во МВР кои беа распределени на повисоки или на пониски позиции, владее раздор откако Спасовски донесе решенија за распределување, а Владата ги поништи, пишува Призма.
Стотици вработени од МВР се најдоа во центарот на „препукувањата“ меѓу техничкиот министер од СДСМ Оливер Спасовски и заменикот Митко Чавков.
Спасовски, по стапувањето на функцијата донесе нови кадровски решенија, голем број лица беа унапредени, а дел ставени на пониски позиции. Владата во петокот реши да ги укине овие решенија и одлучи дека унапредените треба да ги напуштат функциите и да се вратат на старите работни места. Истото се однесува и на Министерството за труд и социјална политика, за решенијата донесени од страна на техничкиот министер Фросина Ременски.
Денеска, како што дознава Призма од извори во МВР, сè уште се почитувале решенијата на Спасовски, но тоа ќе трае до утре, со оглед на тоа што владината одлука веќе е објавена во „Службен весник“ со назнака дека „истата стапува на сила ден по објавувањето“. Најновото печатено издание буквално е преплавено со владини одлуки за именувања, разрешувања и распределувања.
Десетици страници во денешниот „Службен весник“ содржат поништени решенија од министрите Спасовски и Ременски, чии оставки не беа констатирани.
Спасовски се огласи преку соопштение и преку отворено писмо прстот за новонастанатата ситуација го впери кон техничкиот премиер Емил Димитриев.
Меѓу вработените во МВР кои беа распределени на повисоки или на пониски позиции, владее раздор откако Спасовски донесе решенија за распределување, а Владата ги поништи.
„Денеска не знаев каде да се појавам на работа, дали на новото или пак на старото место. Отидов на новото, но од утре не знам како ќе биде. Атмосферата на работа е лоша, поделени сме на табори, а треба да одиме на терен заедно. Наместо тоа, не се возиме во исти возила кога одиме на задача“, објаснува за БИРН полициски припадник кој со одлуката на Спасовски беше распределен на друга работна позиција.
Вработените сведочат дека политиката е навлезена во порите на Министерството, кое е клучен сектор во државата, особено со бегалската криза и со инцидентите на границата.
„Наместо да се концентрираме на тоа што ни е работа, ние не знаеме на кое работно место ќе бидеме утре. Точно е дека дел од нас се членови или симпатизери на партија, но во случајов се испостави дека тоа е многу поважно отколку безбедноста на државата“, вели припадник на „алфите“ кој сакаше да остане анонимен.
Техничкиот министер Спасовски, чија оставка не беше констатирана во Собранието, утринава бил на работното место, одржал состанок, а потоа си заминал.
Целата анализа можете да ја видите тука

