Русија тоне се подлабоко, паричните резерви на земјата се при крај. И за да го одвлече вниманието од економската криза, Кремљ може и да произведе уште надворешно-политички конфликти, предупредуваат експертите за DW.
Русија е во тешка економска криза. Во минатата година БДП на земјата се намалил за 3,8 проценти, а за оваа година Светската банка очекува нов пад од околу 1,9 отсто. Проблемите се многу. На прво место – цената на нафтата, чија вредност се намали двојно во последните две години и доведе до сериозно намалување на приходите од продажбата на нафта. “Во овие ниски цени на нафтата и на природниот гас е исклучително тешко да се финансира државниот буџет”, вели експертот за Русија од Германското друштво за надворешна политика Штефан Мајстер. Владата може да ги пополни дупките во буџетот само ако ги исцеди парите од резервните фондови акумулирани од профитот на енергетската индустрија во минатите години.
Ништо добро
Дополнителен притисок врз руската економија остваруваат санкциите воведени по анексијата на Крим. “Западните санкции им ја ускратуваат на нивните банки и фирми од можноста да земаат заеми во странство. И тоа не само во Европа, туку и во целиот свет. Никој не ни додели веќе кредити, дури и Кина”, вели директорот на московскиот Институт за енергетска политика Владимир Милов во интервју за Дојче Веле. Во последните десет години странските кредити беа во основата на рускиот раст. “Но поради санкциите обемот на кредитите се намали од 700 на 470 милијарди долари”, вели експертот, кој е и основач на опозициската партија “Демократски избор”. Одливот на капитал пак доведе до девалвација на рубљата, која загуби половина од својата вредност во однос на доларот.
„Волстрит џурнал“: Можна е забрана за влез во ЕУ на функционери на ВМРО-ДПМНЕ поради одлуката на Иванов
На сето ова се додаваат и сериозни структурни проблеми. Неколку големи енергетски концерни господарат во економијата, и секогаш ги следат упатствата на Кремљ. “Во Русија нема предуслови за конкуренција и нема владеење на правото”, вели во оваа врска германскиот експерт Штефан Мајстер.
Кризата започна уште во 2013 година, односно – пред воведувањето на санкциите и падот на цената на нафтата, вели за возврат Владимир Милов. “Уште тогаш руската економија не бележи раст. Таа е зависна од неколку државни монополи кои не се ефикасни. Потоа дојдоа санкциите и падот на цените на нафтата. Овие три фактори не ни даваат основа да се надеваме дека во следните години руската економија ќе забележи раст “, посочува Милов.
Руската влада се обидува да ја ограничи штетата преку приватизација на државните претпријатија. Во исто време, сепак, таа не сака да ги продаде мнозинските удели на државните компании. “Режимот сака само да добие на време – со надеж дека наскоро цената на нафтата и на природниот гас ќе се зголеми”, вели германскиот експерт Штефан Мајстер.
Од овој развој страда најмногу населението. Според пресметките на Светската банка, оваа година бројот на сиромашните Руси ќе надмине 20 милиони луѓе – кај вкупно население од 140 милиони. Тоа е највисоко ниво на сиромаштија од пред девет години. Официјално инфлацијата во Русија е 12,9 проценти. Просечниот сталеж сепак троши сè помалку. Многу мали и средни претпријатија имаат тековни кредити во евра и долари, кои поскапеле двојно поради девалвацијата на рубљата.
“Режимот се подготвува за конфликт со општеството”
Невработеноста во земјата се уште не е зголемена, но незадоволството на Русите може да се претвори во сериозен проблем за претседателот Путин. Проблем, за кој тој се подготвува уште од сега. “Гледаме проширување на репресивниот апарат во Русија. Неодамна претседателот Путин создаде и Национална гарда. Режимот очигледно се подготвува за конфликт со општеството”, вели Штефан Мајстер.
Големо прашање сега е кога Русија ќе остане без пари. Рускиот министер за финансии вели дека уште во јануари дека на крајот на оваа година средствата од државниот резервен фонд може да се веќе исцрпени. Тогаш владата ќе биде принудена да ги исцеди и парите од националниот фонд за помош. Овој фонд беше формиран во 2008 година како дополнителен паричен резервоар.
Ако цената на нафтата не се покачи, Русија ќе издржи уште најмногу 2-3 години, прогнозира Штефан Мајстер и додава: “И покрај возот да се упатил кон пропаста, не можеме да очекуваме некакви значајни промени во однесувањето на Русија во украинскиот конфликт со цел да се укинат санкциите “. Токму напротив – според Мајстер, конфликтите со Западот најверојатно ќе се продлабочуваат. “За да го одвлече вниманието од економската криза, Кремљ може и да произведе уште надворешнополитички конфликти”, вели Мајстер.
