Активисти на еколошката организација „Гринпис“ во текот на изминатата ноќ извршиле „напад“ врз 18 споменици на познати личности во Лондон, поставувајќи на нивните лица бели маски за заштита од загадување на воздухот, соопшти лондонската Метрополитен полиција.
Двајца припадници на организацијата, Алисон Гариган (29) и Лук Џонс (30) , се искачија на столбот на лорд Хорацио Нелсон, на плоштадот Трафалгар.
Овој 52 метри висок споменик е еден од главните симболи на британскиот главен град, па искачувањето по столбот, претставува голема опасност за демонстрантите.
Интервенирала полицијата, но и службата за спасување, за да може двајцата демонстранти да се симнат безбедно.
Тие се искачиле во 04, 00 часот по британско време, а Гариган и Џонс биле симнати дури после пет часови, безбедно и без никакви повреди. Останала меѓутоа маската врз лицето на прославениот адмирал, победникот од поморската битка кај Трафалгар.
Двајцата се уапсени, како и шестмина други кои се искачувале по лондонските споменици, протестирајќи против големата загаденост на воздухот во Лондон.
https://www.youtube.com/watch?v=fTxQtxdFGRY
Заштитни маски биле ставени и на лицето на кралицата Викторија, пред кралската Бакингамска палата, врз лицето на Оливер Кромвел, во кругот на британскиот Парламент, што се означува како повреда на безбедноста.
Утринава маски на лицата имаше и на споменикот на Винстон Черчил, премиерот победник од годините на Втората светка војна, што се наоѓа плоштадот спроти Парламентот, на лицето на Ахил во Хајд Парк, на научникот Исак Њутон, пред зградата на Британска библиотека, но и на споменикот на Шерлок Холмс во „неговата„ Бејкер Стрит, на Еросот на Пикадили и на фудбалерот Тиери Анри, пред стадионот Емирати, во северниот дел од Лондон.
Еден друг активист на „Гринпис„ кој во 2013 година, како искусен алпинист се искачи по стаклениот облакодер „Шард„ откри дека групата се подготвувале повеќе од еден месец за операцијата изведена во текот на ноќта.
Истражувањата на угледниот лондонски Кингс Колеџ покажува дека во текот на една година во градот умираат по девет илјади лица, како последица на загаденоста на воздухот.
Кралскиот Колеџ на лекари и педијатри, пак, тврди дека секоја година околу 40 илјади Британци се жртва на загаденоста на воздухот во земјата.