Планот на Орбан се нарекува “Шенген 2.0” и се состои од 10 точки

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја започна европската турнеја во најголемите престолнини на ЕУ, која има за цел Унгарија да добие поддршка за својот план за целосното затворање на Европа за мигранти. Орбан ќе го претстави својот план “Шенген 2.0”, кој сака да ја направи Европа тврдина. Многу луѓе сепак го нарекуваат неговиот проект “Планот Анти-Меркел”, напиша деновиве “Ди Цајт”.
Вчера Орбан разговарал со поранешниот германски канцелар Хелмут Кол, кој се смета за уште една шлаканица за Меркел и нејзината миграциска политика. Кол неколку пати јавно ја критикуваше политиката на германската канцеларка спрема мигрантите. “Европа не може да се претвори во нова татковина за милиони луѓе”, напиша Хелмут Кол во предговорот на последната книга на Виктор Орбан. Пред разговорот со него унгарскиот премиер се сретна со баварскиот колега Хорст Зеехофер, еден од најжестоките противници на Меркел за миграција и политика во самата владејачка коалиција. По средбата со Зеехофер Орбан најави дека Унгарија нема да учествува во трансферот на мигранти од Турција.
Минатиот петок унгарскиот премиер го претстави својот план во Лисабон на самитот на интернационалата на демократите центристи . “Ние сме должни да ги заштитиме своите граници”, рече тогаш Орбан и го осуди однесувањето на ЕУ за време на миграциската криза. Апсолутно неприфатливо е некој во Брисел да ги присилува земјите-членки да решаваат за демографските и економските проблеми преку миграција.
“Ние знаеме дека во ЕУ има држави кои сакаат да ги решат проблемите на овој начин, но има и такви кои се против … ЕУ не може да ја лиши Унгарија од правото сама да ги решава проблемите . Со еден збор ЕУ не може да создава систем за пуштање на мигранти и потоа на секоја земја-членка на ЕУ да и се наметнат квоти и колку мигранти треба да го прифати … Поради оваа причина во Унгарија ќе спроведеме референдум против квоти и дистрибуција “, рече уште Орбан.
“Откако добивме официјалното предлог од Брисел референдумот стана важен чекор, уште повеќе, има огромен притисок врз нас. Ако не го запреме Брисел со овој референдум, тогаш ќе ни испратат маса луѓе со кои ни не сакаме да живееме заедно”, истакна тој.
Планот се нарекува “Шенген 2.0” се состои од 10 точки. Документот ја нагласува потребата од заштита на европските граници и задржувањето на мигрантите надвор од територијата на ЕУ. Најважната точка од овој план е поврзана со заштитата на шенгенските граници. “Ако една држава е неспособна да се справи со оваа обврска, треба да побара помош од други земји-членки или од европската агенција за заштита на надворешните граници”, пишува во планот. Идентификација на бегалците благодарение на системот за биометриски податоци треба да се врши во рамките на Даблинскиот договор. Строги санкции треба да бидат применети против сите кои го злоупотребуваат правото на азил, пишува уште во текстот. Планот предвидува разгледувањето на барањата за азил да се врши целосно надвор од териториите на ЕУ, во целосно изолирани и контролирани жариштата / хот спотови /. Во неколку точки се нагласува потребата од соработка со трети земји и се наведуваат земјите кои не се сметаат за опасни за барателите на азил. На крајот на овој план се базира на доброволното вклучување и одбива европскиот план за прераспределба на бегалците во земјите-членки на Унијата./бгнес