Со години, видни македонски политичари се противат на „мешањето на Европа и на САД во нашите внатрешни работи“, и особено им сметаат странските амбасадори овде. Гледам и синоќешниот контрапротест на ГДОМ (ВМРО-ДПМНЕ), во паролите што ги носеа, дури и во изјавите на поединци дека тоа е една од главните точки што ја прави кризата по нивно мислење. Основно е што тие луѓе верувам и незнаат каква е нашата ситуација, како функционира државата, а некои ако знаат па веројатно од други причини тоа не му го разјаснуваат на народот.
Кај нас постои власт која се докажува со тоа што многу „градела“, на народот не му е јасно дека тоа што гради нема многу смисла, повеќе пари се трошат на бесмислени работи како што се споменици, селски игралишта, а не се фаќа развојот на економијата како централно прашање. Тоа што многу гради ВМРО-ДПМНЕ, гради со позајмени средства, вака шемата како што е поставена сега ќе расте брзо долгот… Главното прашање е: од каде ги земаат тие средства? Нивните средства се од Меѓународна банка и од Европската банка. Еден проект со Кина ако прават, верувам дека Кина во други проекти овде веќе нема да влезе. Ако нас не ни треба тој запад и ни сметаат амбасадорите, ако тоа е наша политика, а тоа е политика на оваа влада, тогаш ако престанат да се мешаат ќе престанат да се мешаат и со пари.
Според тоа ако оваа влада не си оди што побрзо, тогаш ние ќе западнеме во многу сериозни економски тешкотии, ние сами неможеме да си ги плаќаме пензиите, едноставно немаме пари за тоа, нема да имаме пари ни редовно да ги исплатуваме платите на државната администрација, сигурно ќе мора да се укинуваат трошоци и во областа на социјалната политика. Овие кои сега викаат дека ни сметаат амбасадорите, ни смета ЕУ, ни смета САД, ако тие се тргнат од нас и тргнат рака од нас, овде ќе настане економска катастрофа.
Овие кои сега контрапротестираат и кои ги штитат овие што се на власт и што ја водат земјата во економско уништување – тие истите ќе се свртат кога ќе ги видат тие работи и ќе ги гонат по улиците овие кои се на власт и кои ги заведуваат нив.
Тоа е она што сакам сега да го кажам како сериозно предупредување или укажување е оти нема веќе време за четворни состаноци, мина тоа време. Се што натаму ќе се решава ќе се решава без ВМРО-ДПМНЕ . Не верувам дека има можност за нова лидерска средба, оти не гледам знаци дека ВМРО-ДПМНЕ се повлекува, тие уште се во некоја офанзива, кој знае каде им оди умот на тие луѓе. Не гледаат каде ја водат земјата и незнаат оти тие се товарот. Ним рокот на траење им истече.
…Прво треба да дојде влада која може постепено да ги поправи односите со ЕУ и САД, и со меѓународните финансиски институции, да даде уверување со својата политика разбира кој е патот за одење во ЕУ и во НАТО. Ние немаме друга алтернатива.
…Протестите што се прават од „Протестирам“ се природна работа, тоа е чувство и инстинкт на луѓето дека нешто страшно им се случува, па да кажат дека доста е неможе тоа натаму, и тие треба да се поддржат во секој поглед.
…Со кој правен основ претседателот се служел да се донесе одлуката за помилување? Со него е завршена работата, неговата одлука не треба да се почитува, тој натаму не намерава нешто да реши, он постапи многу суптилно ја подготви во тајност таа одлука, и претходеше одлуката на Уставниот суд, му се направи пат да може он да направи ваква одлука, ја направил таа одлука тајно, не знаеле за ова ниту членови на комисијата која е од него именувана, ја подгодвува таа одлука и ја донесува 5 дена по распуштањето на Собранието, да неможе Собранието да интервенира.
Сега измислуваат прикаски дека Собранието неможе да се состане. Пратеникот е пратеник со мандат се додека не се верификува мандатот на друг пратеник – тогаш се гаси мандатот на сегашниот пратеник. Не може една земја да постои 2 месеца без мандат на пратеници – секогаш може да се свика Собранието.
…Какви фер и кредибилни избори во услови од оваа власт, кога вчера од митингот дојде барање да се укинат партиите и невладините организации. Тие всушност се плашат изборите на 5 јуни да не ги изгубат, стравот се гледа од препадот: прво гледаа да го оневозможат СЈО, второ кога видоа дека преку предметите на СЈО ќе му се отворат очите на народот и дека може да се промени ситуацијата и да ги загубат изборите – подготвија како да направат аболиција. Се воведува неказнивост на оние кои прават изборни малверзации, со тоа се охрабруваат други во друго време да го прават истото, бидејќи ќе поминат неказнето. Се што преземаат е за да останат на власт, инаку се плашат од избори.
Мене ми е многу тешко што ова морав вака да кажам, ама должен сум да кажам на време, за луѓето да разберат што се случува, како се случува и што ќе се случува. Инаку, несреќен сум што е ваква ситуацијата. Ние кога се боревме за независност на земјата 1991 не програмиравме дека вакви претседатели и вакви премиери ќе ни дојдат еден ден, така да многу сум разочаран од тоа што ќе се случува. Ако се најде начин овие луѓе да се отстранат па да се среди земјата, ќе мора многу да се внимава кој ќе дојде на власт, ова е голема поука за државата. Само не сум сигурен оти кризата нема натаму да се продлабочува, луѓето што ја предизвикуваат кризата воопшто не мислат што ќе се случува во земјата тие се окупирани само со тоа дали ќе ја задржат власта, и затоа нема да ја задржат власта, власта ја изгубија, отиде таа работа.
