DW: Македонија го повикува Иванов да се разбуди

од Vladimir Zorba
85 прегледи

Ако претседателот гледа дека целта поради која ја донел одлуката за аболиција предизвикала тотален контраефект, што чека? Колку правни експерти треба да му кажат дека единственото решение е – да ја поништи одлуката! – посочува DW.

0,,19206754_303,00 (1)

Поминаа 12 дена откако претседателот Ѓорге Иванов самоуверено им соопшти на граѓаните дека неговата одлука за „општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници“, ќе значи крај на кризата. Одлуката ја објасни како крупен чекор кон меѓусебно помирување, за нормална демократска борба врз натпревар на идеи и резултати, и за придвижување на земјата кон реформи и реализација на стратегиските планови за влез во НАТО и ЕУ.

Дванаесет дена подоцна, се‘ што се случува во земјата е дијаметрално спротивно на неговите порценки и анализи. Кризата доживува кулминација, масовни протести ја тресат земјата, меѓународната заедница го повикува да ја повлече одлуката која ја убива правната држава, а наместо отворање на шансите за влез во европското семејство, се повеќе се навестуваат остри меѓународни санкции.

Што прави претседателот додека Македонија добива место во ударните вести во светот, освен што праќа разни протоколарни честитки за празници? Има ли интернет и тв-сигнал во резиденцијата на Водно или е во прекин оптичкиот кабел, па се што се случува му изгледа како „оптичка варка“? Ако Иванов гледа дека целта заради која ја донел одлуката предизвикала тотален контраефект, прашањето е што чека? Колку правни експерти треба да му кажат дека единствено решение е – да ја поништи одлуката!

Што уште треба да се случи, за да види од Водно дека ниту се случи национално помирување, ниту престана „Македонецот да оди против Македонецот“, како што беседеше Иванов. Благодарение на неговата партиска база, тој раздор стана максимално потенциран со контрапротестите. Учесници во нив станаа илјадници партиски капарисани Македончиња, мобилизирани преку смс-порачиња, заведени во списочиња, нахранети со сендвичиња, сместени во автобусчиња и ставени во партиски погончиња. Од сите тие партиски покорени Македончиња, со наведнати главчиња, се очекуваше да го сторат невозможното: да ја разбијат комплексноста на сите овие деминутивчиња, и да создадат привид дека се рефлексија на неговиот антипод – на аугментативот. Дека се Македончишта, храбри борчишта, непоколебливи мажишта и други партиско-мачоистички етикетишта, во одбрана на неодбранливото.

Таа тажна и поразителна слика на колонизирање на интегритетот на граѓаните, Иванов не ја запре, туку ја поттикна. Прво, преку тв-интервју на 14.04., потоа на 15.04 преку јавно обраќање во кое објасни дека останува на истата одлука, и конечно на 21.04. кога соопшти дека се консултира со правни експерти, но дека не и изнајден правен основ за повлекување на одлуката.
Не е јасно дали Иванов бесполезно врти нови кругови, за да се покаже дека не „паднал“ веднаш, туку по долга витешка битка, или тоа е само оправдување за да не го стори она што демократската јавност го очекува од него. Со ваквите одлагања, претседателот исцртува многу опасна тракторија за Македонија. Лично тој, уште на 15.04. изјави дека „безбедносните институции се парализирани со нарушен систем на команда и висок е ризикот да не можат да одговорат на заканите со кои се соочуваме“ и дека „Специјалното обвинителство има потреба од време за квалитетно вршење на истраги“.
Седум дена подоцна во МВР е извршен пуч. Директори и началници на клучни организациски единици му откажаа послушност на министерот, а вчера ДПМНЕ по којзнае кој пат се обиде да го убие СЈО, од позиција на прек партиски суд, типичен за некои минати времиња.

Целиот коментар можете да го прочитате тука