И покрај силниот дожд, граѓаните продолжија со протестот пред Владата на Република Македонија. Протестот се одвива во лоши временските прилики, но тие не го намалија бројот на граѓаните. Со свирежи и извици бараат оставки и правда. Во еден момент – силниот ветер го урна скелето со кое се чистеше фасада на Владата, бидејќи на минатонеделните протести белата барокна фасада беше исфарбана во разни бои од страна демонстрантите. За среќа при паѓањето на скелето никој не е повреден.
Од МНР демонстрантите се упатуваат кон Влада #протестирам #п #ШаренаРеволуција pic.twitter.com/NEqeqr8LxT
— META.mk (@meta_agency) April 25, 2016
Инаку, демонстрантите на вечерашниов протест против одлуката на Иванов да ги помилува политичарите од власта, ја обоија и зградата на Министерството за надворешни работи. Таа е во боите на „Шарената револуција“ која, како што велат, означува боење на Македонија во боите на слободата и демократија.
Граѓаните го обоија #МНР, а со чадори ја штитеа полицијата #ШаренаРеволуција #протестирам #п pic.twitter.com/6ALKOrVBA6
— META.mk (@meta_agency) April 25, 2016
Граѓаните со чадори ги штитеа полицајците кои ја чуваа зградата на МНР за да не им се обојат нивните штитови и униформи.
Протестот започна во 18 часот пред зградата на Специјалното јавно обвинителство по што продолжи пред Собранието.
Бранимир Јовановиќ од Левица на насобраните граѓани пред Собранието им порача дека демонстрантите се како тврд орев бидејќи ако власта се обиде да ги скрши тие ќе им ги скршат забите.
Бранимир Јовановиќ од Левица со говор пред Собранието #протестирам #п #ШаренаРеволуција pic.twitter.com/PapEggcwG2
— META.mk (@meta_agency) April 25, 2016
– Оние кои местеле избори и прислушувале се аболицирани, а оние кои протестираат против оваа неправда се во куќен притвор. Но неправдата не здружува да протестираме. Тоа што власта влегува од грешка во грешка, зборува дека се во паника – изјави Јовановиќ.
Пред насобраните граѓани зборуваше и поранешниот функционер на тајните служби и професор во пензија Иван Бабановски, кој на полицајците им порача да ја чуваат Македонија од криминалите на оваа власт, а не да штитат криминалци.
Поддршка на денешниот протест даде и пеачката Кристина Арнаудова, која што рече дека протестира во името на своите деца за да живеат во подобра држава, во името на сите нејзини заминати пријатели од државата, за оние кои заради работното место молчат како и во името на своите колеги бидејќи, како што рече, политичките тезги се најскапо платени.
На почетокот на протестот пред зградата на Специјалното јавно обвинителство пристигнаа и претставници од Сојузот на борци на НОБ кои ја запалија фотографијата на претседателот Иванов.
Од пред зградата на МНР, демонстрантите се упатуваа пред Влада извикувајќи „Оставка“, „Убијци“, „Робија“, „Нема правда нема мир“.

