Политичките лидери „ќе решат“ дали евентуални санкции ќе станат крајна нужност, ако се откажат од дијалогот и мерките за излез од кризата, велат извори упатени во инструментите за санкции, се посочува во анализата на DW.
Намерата е да се се избегнат санкции, а не да се изречат, велат за Дојче веле извори добро упатени во сетот инструменти што можат да бидат употребени од меѓународната заедница, доколку лидерите во Македонија не најдат сили да ги запрат процесите кои земјата ја оддалечуваат од внатрешна стабилност и владеење на правото. Според нив, ова е т.н „фаза на рано предупредување“, но ако ситуацијата галопира кон натамошно влошување, таа фаза може многу брзо да премине во друга, особено ако одговорните во земјата не преземат мерки за справување со причините кои кризата ја водат кон кулминација. Првиот чекор за тоа, без дилеми, е поништување на одлуката за аболиција донесена од страна на претседателот Иванов.
„Јазикот на дијалог, соработка и разбирање е главниот инструмент за кој се залага и на кој се потпира ЕУ. Инструментите за притисок се последното нешто што кој било во ЕУ го посакува. ЕУ очекува употребата на тој инструментариум да стане целосно непотребен, и да биде заменет со зрелост и одговорност на домашните лидери, со консензус за стандардите кои треба да ги достигне државата во унапредување на владеењето на правото, градењето функционални институции, демократија, слободни медиуми…Македонските граѓани тоа го бараат и тоа треба да го имаат“, велат нашите соговорници.
Потенцираат дека исклучиво политичките лидери во Македонија „ќе решат“ дали евентуални санкции ќе станат крајна нужност, со тоа што ќе покажат дали се подготвени да ги елиминираат причините за кризата и да се посветат на продуктивен дијалог.
Граѓаните да не ги трпат последиците
Во Македонија расте загриженоста поради можноста да бидат изречени меѓународни санкции, чии последици нема да ги почувствуваат само главните виновници за кризата, туку сите граѓани и земјата во целина. На таквата последица укажува и поранешниот амбасадор и професор, Денко Малески.
„Меѓународното право е рудиментарно право, кое се уште се раководи од начелото на колективна казна на народите, па така, последиците од секоја казна врз политичарите најмногу ќе ги почувствува народот на Македонија. Губењето на статусот кандидат за членство во ЕУ и санкциите треба да бидат последниот инструмент за вразумување на владејачката структура во Македонија. За преземање на такви чекори, Западот мора да направи добри подготовки, и безбедносни и економски. Македонија, имено, е многу кревка земја, па посилен политички или економски притисок би можел да ги влоши состојбите наместо да ги подобри“, укажува Малески.
Од Институтот за европска политика- Скопје (ЕПИ) сметаат дека сите евентуални мерки на Брисел треба да бидат насочени кон поединци кои придонесуваат за влошување на кризата, а не кон граѓаните и земјата, бидејќи само така може да се поттикнат прореформските сили во Македонија.
„Реално е и може да се очекува одземање на препораката за преговори. Но сметаме дека тоа е казнување на целата земја. И затоа бараме тие санкции да бидат спроведени кон лицата кои го прекршија Договорот од Пржино“, велат од ЕПИ.
И покрај навестувањата дека прв чекор може да биде одземањето на препораката за почеток на преговорите, дел од политиколозите сметаат дека ЕУ тешко би се одлучила на таков чекор. Не само што тоа би било преседан во европската практика, туку затоа што враќањето на процесот назад потоа би било многу тешко. Се надеваат дека препораката нема да биде одземена, туку на некој начин „замрзната“ или условена, како што тоа се случи минатата година. Но, се согласуваат и дека таквото попуштање не може да оди во недоглед.
Целиот текст (анализа) можете да го прочитате тука
