Властите во Париз ги забранија автомобилите по култниот париски булевар “Шанз-Елизе” (Елисејските градини) секоја прва недела во месецот, во обид да го намалат загадувањето на воздухот, пишува британскиот весник “Гардијан”.
Првиот пешачки ден по најпознатиот булевар во француската престолнина ќе биде на 8 мај, бидејќи 1 Мај е празничен ден и организацијата на движењето не може да биде направена, најавија од општината. Од тој ден па натаму сите автомобили по 2-километарскиот булевар ќе бидат забранети секоја прва недела во месецот кога музеите во Париз исто се бесплатни за посетителите.
Девет други маршрути ќе станат пешачки секоја недела, како и на национални празници во рамките на програмата за борба против загадувањето “Париз дише”.
Според властите во Париз чистотата на воздухот е еден од главните приоритети. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) загадувањето на воздухот со ситни честички во Франција предизвикува 42 000 смртни случаи секоја година.