Судири и солзавец во Истанбул за време на првомајските протести

од desk3
92 прегледи

Турската полиција употреби солзавец врз група демонстранти кои денеска се обидоа да се пробијат до плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, иако властите забранија одбележување на Меѓународниот ден на трудот.

Повеќе стотци демонстранти се обидоа да се пробијат до Таксим, по што избија судири со полицијата.

aa_picture_20150127_4394509_high

Телевизијата Си-Ен-Ен Турк прикажа снимки како полицајци внесуваат неколку уапсени демонстранти во полициски автобус.

Локалните власти се договорија со неколку синдикати прославата на 1 Мај да се одржи на специјално одреден простор во населбата Бакиркој, во близина на истанбулскиот аеродром, а не во ценатрот на градот.

Канцеларијата на градоначалникот на Истанбул соопшти дека „со цел да се гарантира безбедноста на граѓаните“ за првомајскиот празник, на должност во градот ќе бидат 24.500 припадници на турските безбедносни сили.

Метро станицата на главниот плоштад Таксим ќе биде целосно затворена, а долж улиците се поставени метални огради, а распоредени се и десетици полицајци во опрема за разбивање на протести.

Плоштадот Таксим е место на судири за време на Меѓународниот ден на трудот откако на 1 мај 1977 година беа убиени 36 луѓе, а 130 повредени, во време кога модерна Турција минуваше низ еден од своите најтурбулентни периоди./МИА