Новинари: Македонија е во медиумски мрак, виновници се и власта и сопствениците, но и новинарите

од Vladimir Zorba
81 прегледи

Слободата на медиумите не е потребна само за медиумите и новинарскиот еснаф туку тоа е обврска на целото општество, вели долгогодишниот новинар и уредник на Утрински Весник Ерол Ризаов. Медиумскиот амбиент во државата веќе 10 години не е променет вели Ризаов.медиуми

„Тоа е многу опасно и Македонија за жал живее во еден медиумски мрак, односно тешко може да се дознае вистината. Такви новинари и уредници денеска имаме  кои се апологети или поддржувачи на власта, кои забрануваат секаква критика и во тој случај веќе во јавноста е изменета перцепцијата за тоа што е новинарство, бидејќи ова трае 10 години.“, рече Ризаов.

 Во Македонија, вели Ризаов, медиумите се вратени назад, а веќе освоените слободи се одземени. Според него, медиумите се на последно место за да ги  добијат професионалните и етичките норми. Јадранка Костова уредник во Фокус Причината за лошата состојба на медиумите во Македонија, ја гледа во третманот на како што вели, владејачките структури кон медиумите.

„Ние во Македонија во моментот сме два паралелни света, разговараме на поинаков јазик, зборовите ја изгубија вистинската смисла….Причините според мене се енормно спинување на милиони евра на Владата во некакви измислени кампањи со кои ги наградува послушните медиуми а потоа истите тие медиуми се јавуваат како донатори владејачката партија во изборна кампања….Ние кои сакаме слободно да размислуваме  за нас е резервиран стапот од власта не само што не добиваме дел од тие суми туку вие сте предмет на  канонада од тужби.“, рече Костова.да

Не се потребни извештаи од меѓународни институции за да заклучиме дека медиумите во Македонија се заробени вели Драган Антоновски од Советот за етика во медиумите. За професионални медиуми, вели Антоновски, неопходно  е почитување на медиумската етика.

„Она што доаѓа до Советот на етика главно е хушкање, невистини, лаги и целиот тој пакет на кој последица е непрофесионално или заробено новинарство…..Во ова време, новинарите мора да бидат малку поетични и да признаат дека на ваков начин и со вакво практицирање на новинарство се соучесници во приказната.“, изјави Антоновски.

 Советот за етика потсетува дека професионалното новинарство е суштински елемент за функционална демократија и остварување на интересот и правата на граѓаните за пристап до вистинити и објективни информации./Тв21