Дел од фасадите на објектите на „Скопје 2014“претставуваат животозагрозувачка опасност за граѓаните. Причината е во тоа што изолациониот материјал кој се користи при фасадирење на зградите не ги исполнува прописите за заштита од пожар, односно е лесно запаллив.
Колку за потсетување, утрото на 16 февруари оваа година пламна оган на зградата на ЕВН на Градскиот плоштад во Скопје. Иако пожарот избувна на горниот дел од мрежата на фасадата во изградба, за кратко време, пожарот се прошири на целата страна на зградата. Според првичните информации од истрагата за избувнување на пожарот, тој бил предизвикан од искра од апарат за заварување врз изолациониот материјал и заштитната мрежа. Ваква информација објави и телевизија „Сител“, според кој причина за пожар во зградата на ЕВН е искра од апаратите за заварување.
Брзината на проширување на пожарот на целата фасада упатува на сомнеж дека изолацијата што била поставена под фасадата не e согласно прописите и стандардите -не била огнотпорна како што е пропишано, туку напротив, лесно запалива и брзогорлива. На вакви сомнежи упатуваат и работниците, но и градежни инженери кои работат на изградаба на фасадата на ЕВН и ЕЛЕМ. Според нив, всушност, причинител за запалување и брзо ширењена овој пожар е изолацијата која не е од највисока класа. Од искуство со третирање градежни материјали, тие велат дека и најмала искра на кој било дел на неквалитетната и запалливата изолација, веднаш пламнува, брзо се шири пожарот и гори како слама.
Некои сознанија велат дека ЕВН како компанија доставила изолационен материјал до Инстиутот за испитување материјали при Градежниот факултет во Скопје, кој потврдил дека материјалот е високо-горлив. Потоа, нема информации до каде е оваа процедура. Според наши информации, реконструкцијата на ЕВН била проектирана со декоративен вештачки камен, но по интервенција на ревидентот и Владата, доаѓа до промена на материјалот со полиуретан.
Исто така, ЕВН, според наши информации, се уште го нема конечниот извештај од МВР од истрагата за причината за пожарот. Сомнежите се дека извештајот доцни затоа што власта стравува целиот случај да не излезе во јавноста и можноста ЕВН да бара оштета од државата, доколку се утврди дека сомнежите се точни.
Најверојатно, ваква изолација се поставува на дел од зградите од проектот Скопје 2014, од лукративни причини, односно дел од парите за фасадите да завршат во приватни џебови. Кога би се направила ревизија, би можело да се утврди дали се испочитувани градежните прописи и одредбите од објавените тендери?
Инаку, полиуретананот има низок отпор на напукнување од надворешни влијаниjа, голем ризик на запаливост и е многу тежок за поправање. Фотографиите ја покажуваат слабоста од напукнување/раздвојување на полиуретанот на фасадираните објекти по извесно време од неговото поставување.
Минатата година, исто така, се запали зградата на Владата на Република Македонија во својата внатрешност, но за среќа, имаше малку изгорени места на фасадата.
Наспроти полиуретанот, може да се употреби природен камен (кој е благороден, отпорен, незапаллив, но и скап) или вештачки камен (масивно лесен, многу едноставен за обработка, низок отпор на напукнување, ниска запалливост и лесна термоизолација). Пример, фасада со природен камен има Уставниот суд на Република Македонија, со вештачки камен се украсена и зградата на Министерството за надворешни работи и на Кривичниот суд. Со стиропор се фасадирани зградите на Министерството за финансии и хотелот „Стоунбриџ“. Со полиуретанот, од проектот Скопје 2014, се „обвиени“ зградите на Агенцијата за електронски комуникации, Владата на Република Македонија, Јавното обвинителство, МЕПСО, ЕЛЕМ, Геолошки завод, ЕВН, Водовод и канализација, Градска куќа, седиштето на ВМРО – ДПМНЕ и други објекти на улица „Македонија“. Доколку овие згради се направени со фасади од полиуретан, тогаш тоа се потенцијални темпирани „бомби“ за вработените и за сите минувачи, како и жителите.
Според сознанијата од ангажирани вработени лица во изведување на градбите од проектот Скопје 2014, на почетокот се користела изолација според потребните стандарди, но подоцна се преминало на изолација која не ги задоволува прописите, односно е лесно запаллива.
Дилеми:
Дали е реновирана фасадата на ЕВН која се запали и кој ќе ја плати штетата?
Дали технички се пуштени објектите и доколку не се зошто не се пуштени?
Дали, можеби, стручните лица кои треба да го стават потписот, одбиваат тоа да го сторат оти зградите технички не ги исполнуваат прописите за да бидат ставени во употреба?
Која фирма увезува полиуретан во Македонија и ја загрозува безбедноста на граѓаните?
Дали полиуретанот што се поставува како изолација на зградите содржи цијанид?
Кој одговара (проектантот, надзорот, ревидентот, изведувачот или финансиерот) доколку се случи инцидент или човечка жртва?
Дали осигурителните компании прифаќаат да ги осигураат високо-ризичните објекти од проектот Скопје 2014?
Табела/графика – материјалина 21 век – споредба по тестовите на потрошувачите.
Правила „State of the Art“ во Европа.