Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска оствари средба со амбасадорот на Република Турција, Омур Солендил кого го информирал за текот на разговорите со дипломатите со цел да се изнајде решение за политичката криза. 
Заев, како што се наведува во соопштението од СДСМ, истакнал дека има законски и уставни можности за свикување на Собранието на Република Македонија, како и за поништување на одлуката за аболиција и оти ако постои политичка волја, може брзо да се најде решение.
Лидерот на СДСМ појаснил дека е потребно утврдување на динамиката за исполнување на сите клучни услови за фер и регуларни избори, прецизирање на одржувањето на изборите коишто, како што се наведува во соопштението, поради неисполнетите услови нема да се одржат на 5 јуни, утврдување на начинот на организирање на изборите, како и поништување на одлуката за аболиција.
Амбасадорот Солендил посочил дека Турција ги следи политичките случувања во Македонија и изразил надеж дека ќе се почитува изборот на народот на избори што ќе се одржат соодветно на демократските правила и принципи на правдата.
– Важно е, по пат на дијалог, во рамки на демократските правила и владеењето на правото, со фер и транспарентни избори да се изнајде решение на политичката тензија, рекол амбасадорот Солендил.
Двајцата соговорници се согласиле дека излезот на кризата треба да биде по мирен пат бидејќи стабилноста и безбедноста на Македонија се важни, како за граѓаните и државата, така и за регионот. Во таа насока, Заев ги потенцирал заложбите на СДСМ за достоиствени и ненасилни протести.
На средбата се разговарало и за бегалската криза, за придонесот на Турција во справувањето на Европа со овој проблем, како и за напорите на Македонија на ова поле