Гледам во четвртокот на ТВ Телма прилог во Дневникот за неколку пензионерки што излегле да го перат споменикот на Филип Втори во Битола, откако „хулиганите“ од битолската „Шарена револуција“ со денови наназад се забавуваат бојадисувајќи го во протестите против реалните македонски хулигани од власта. И, на крајот од телевизискиот прилог, една од пензионерките (името не е важно, иако госпоѓата беше претставена со име и презиме) вели:
„Срамота е и греота ова што се прави, затоа што сите знаеме кој беше Филип за македонскиот народ. Најсрамно е сами да си ги уништуваме нашите потомци, луѓето што се бореле за самостојна Македонија!“

Не знам дали длабочината на, да речеме, кањонот на Матка, со придружните подводни неистражени пештери, би ја одразил сериозноста на индуцираната состојба на кома во која се наоѓа дел од македонската нација? Да мислиш дека некаков измамник Филип (прочитајте само како е дојден на престолот), третиот син на Аминта и таткото на веројатно најспособниот масовен убиец во историјата на светот, Александар, има врска со македонскиот народ во денешна Битола; дека тој Филип – патем, убиен во атентат на сопствениот, факинг, двор – се „борел за самостојна Македонија“; и дека, ретроактивно, во 4 век пред нашата ера можеме да ги уништуваме „потомците“ на македонската нација (!?!?) која е востановена во 20-тиот век – мислам дека е поздраво во Битола да му изградиме една црква на несреќниот Шумахер, можеме наместо камбанарија да направиме панорамско тркало, и таму сите да палат свеќи и да се молат за негово оздравување и излегување од кома; бидејќи нам, реално, спас ни нема, ние од нашата кома нема да се пробудиме! Готово е, и пензионерите ни полудеа, ова со апчиња не се лекува, антибиотиците се неефикасни, можеби треба да пробаме со вакцини за говеда.
Всушност, јасно ли ви е зошто, како држава, па и како нација, немаме друга алтернатива, освен успехот на духот на „Шарената револуција“? Бидејќи, ако тоа не успее и се случи, некако, со Македонија да продолжи да владее психопатскиот режим што нè доведе до овде, следниот чекор ќе биде во Битола Орце Камчев да отвори (уште една) клиника (под име: „Никола Груевски“) во која на Македонците ќе им се пресадуваат глави на рамењата свртени наназад; таквите Македонци ќе мислат дека Филип, пред 24 века, е рикверц-потомок на денешните Македонци; и дека тој наш вонбрачен, вонвременски потомок – инаку, убиен од еден од своите бодигарди на свадбата на својата ќерка од неговиот четврт брак (ало!) – сакаат да го уништат денешните битолчани со бојадисување во шарени бои на неговиот здодевен споменик во центарот на градот.
Значи, ви велам, изборот ни е едноставен: или „Шарената револуција“ – или вакцини за говеда. Бирајте.
Целата колумна можете да ја прочитате тука
Сашо Ордановски
објавено во Слободен печат