ВМРО-ДПМНЕ: Атанасов граѓаните добро го паметат како човекот со НУЛА објавени трудови со импакт фактор

од desk3
86 прегледи

Интерниот министер за образование на СДСМ Петар Атанасов граѓаните добро го паметат како човекот со НУЛА објавени трудови со импакт фактор. Овој човек и неговата партија имаат исто толкав кредибилитет да зборуваат за реформи во образованието.

Атанасов, човекот кој мислеше дека твитер е рејтинг агенција, сега најавува дека ако дојдел на власт СДСМ ќе им поништувал оценки на учениците. Од СДСМ и Атанасов наредно може да се очекува и да ветат дека сите ученици ќе имаат петки на крајот на годината.

VMRO-DPMNE-Zgrada

Тоа е нивото на сериозност и на СДСМ и на Атанасов кога критикуваат проекти и реформи како стрини, а во животот ниту еден тоалет немаат реновирано во некое школо, не ни помислиле да преведат учебници за студентите или недај боже да им намалат партиципација, да отворат нов универзитет или факултет. Ниту на СДСМ ниту на Атанасов око не им трепнало за наставниците и професорите.

За разлика од нивното неработење, денес образованието добива европски предзнак. Ирелевантно е дали СДСМ ќе си признае дека бил неспособен и не направил ништо, како и дека денес ситуацијата е драстично поразлична.

Граѓаните го вреднуваат трудот и ги ценат делата. А делата, се конкретни, мерливи, видливи: 74 ново изградени училишни објекти, 400 реконструирани училишта, 55 изградени училишни спортски сали, воведот на задолжителното и бесплатно образование до 18-годишна возраст, бесплатните учебници веќе 7 години по ред – се само дел од нив.

Отворените два нови универзитети, новите 25 факултети, намалените и унифицирани партиципации за упис на факултет се уште еден дел од нив. Конкретни проекти и дела, кои за СДСМ се мисловна именка.

Еве уште неколку од проектите на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ: набавени 80 лаборатории со научна и апликативна дејност, обезбедена современа стручна и научна литература за секој студент, изграден систем на стипендирање кој нуди повеќе од 40 различни видови на стипендии за македонските ученици и студенти, основан фонд за иновации со буџет од 10 милиони евра, обезбеден постојан раст на платите во образованието.

Од 2006 година до сега, најниската плата се зголеми за 119% ( од 5060 денари на 11.081 денари), додека највисоката за 67% ( од 12.917 денари на 21.521 денари). Притоа реализирани се повеќе од 8000 трансформации на работен однос, по само 2 години поминати на работно место.

Тоа е разликата помеѓу оние кои навистина ја сакаат државата и работат за подобра иднина на сите граѓани, и СДСМ чијашто деструктивност е највпечатлива одлика, а желбата за доаѓање на власт без идеи и програма единствена цел.

Кога СДСМ ќе собере храброст да се појави на избори, граѓаните уште еднаш, 10-ти пат по ред, ќе им кажат на манипулаторите и деструктивните неработници од СДСМ што мислат за нивните политики.